Феномен, избор на изненадување или само личност која предизвикува реакција. Д-р Бранимир Несторовиќ, човекот кој му се смееше на коронавирусот, познат по своите ставови кои мнозинството од населението ги „исмејуваше“ и е под знак прашалник дали науката ги поддржува, ја доби поддршката од граѓаните на Србија, бидејќи беше поинаков од сите други кандидати. Со својата листа „Ние – гласот на народот“ доби поддршка од 180.000 гласови и го помина цензусот, со што ќе влезе и во Собранието на Србија како и во Белградското градско собрание. За зачудување е што сето ова го постигна без посебни вложувања во кампањата.
Која е тајната на успехот на Несторовиќ?
Д-р Несторовиќ се здоби со популарност за време на пандемијата на коронавирус. Д-р Кон тогаш ги „заплашуваше“ луѓето, д-р Несторовиќ ги „тешеше“, но всушност и двајцата беа во ист тим, вели за „Локално“, српскиот политички аналитичар Жељко Ињац. Според него, народот тогаш го сакаше Несторовиќ токму затоа што тој ги „тешеше“.
Како што вели аналитичарот, Несторовиќ е всушност само израз на народниот стремеж и надеж дека во секоја криза има нешто оптимистичко.
-Медиумите секако секојдневно го бомбардираат народот со „лоши“ вести, а некој што зборува на медиумите спротивно на агендата лесно станува популарен бидејќи всушност го кажува она што народот сака да го слушне, посочува Ињац.
Соговорникот истакнува дека луѓето од неговото движење станаа популарни поради нивните проруски ставови, иако Несторовиќ не ги искажуваше премногу често јавно, но сега поради природата на политичката работа со која почна да се занимава и тој мора да се занимава со сите можни актуелни теми.
На прашањето дали докторот е некаков „проект“ на српскот претседател Александар Вучиќ, Ињац вели дека Несторовиќ е сето она што народот сака да го види кај еден политичар.
-Како лекар тој е многу популарен бидејќи им помогнал на многу луѓе, а тоа е надалеку познато. Како јавна медиумска личност, тој го кажа она што другите политичари не се осмелуваат да го кажат, па дури и изнесе теории за вонземското потекло на луѓето со зелени очи, што е секако несериозно, но има своја публика.
Дали Несторовиќ е „антинаучен шарлатан“? Тоа не е. Тој е само вешт политичар и популист. Дали е тој проект на Вучиќ? Тоа ќе го видиме наскоро. Ако влезе во владата со СНС, нема многу дилема. Ако остане независен, тогаш останува енигма чиј играч е, заклучува аналитичарот.
Несторовиќ пред неколку дена на вонредна прес-конференција на движењето „Ние – гласот на народот“ рече дека успехот на изборите не го смета за негов успех и оти смета дека им покажал на Србите и на сите што гласале некаква перспектива. Рече дека движењето настанало спонтано, а првата неформална средба била на 11 февруари во неговата лекарска ординација.
-Луѓето гласаа за нас затоа што таму гледаат дел од нивните мисли. Затоа сакам да им се заблагодарам на граѓаните што гласаа, а и на оние што рекоа дека сепак ќе гласаат, затоа што многумина ми кажаа како им падна на спиновите за нас. Не знам кој не формираше сите нас. Сите околу мене се шпиони, како што пишува во еден памфлет, а јас сум корисен идиот. Таа приказна не успеа, рече тој.
Кога станува збор за барањето на опозицијата за поништување на изборите во Белград, Вучиќ изјави дека ако носителот на листата на Несторовиќ не поддржи никого, ќе има повторување на изборите во Белград.
Н.П.