Дополнителните мерки нема да дадат резултат, бидејќи вирусот е раширен, велат од МЗ

од Берта Китинска
346 прегледи

Иако бројот на заболени секојдневно расте од министерството за здравство објаснуваат дека нема потреба од воведување на нови дополнителни рестриктивни мерки против ковид-19, бидејќи истите не би дале резултат со оглед на тоа што се наоѓаме во 6. до 8. недела од третиот бран.

Нема потреба од нови рестриктивни мерки

Нема потреба од воведување на нови дополнителни рестриктивни мерки против ковид-19, односно истите не би дале резултат со оглед на тоа што се наоѓаме на крајот на активноста, на респираторниот вирус, односно на 6. до 8. недела од третиот бран. Ова е заклучокот на епидемиолозите по денешната утринска координација на министерот за здравство Венко Филипче, со  директорите на Ковид-центрите и претседателот на Комисијата за зaразни болести, вели Министерството за здравство.

„Според епидемиолозите, тоа значи дека вирусот има широка инфекција на територија на цела држава, но од друга страна во сите болници во државата има слободни кревети. Болничките капацитети за прием на ковид пациенти за разлика од ноември се зголемени за 50%, а зголемена е и потребата од хоспитализација на пациенти што бара сериозен пристап и координација која успешно се менаџира. Стотина кревети дополнително се подготвуваат и во секој момент доколу е потребно може да се стават на располагање за прием на ковид болни. Членовите на Комисијата за заразни болести се во секојдневна координација и комуникација и во текот на неделата ќе одржат состанок. Во текот на периодот кој следува останува да се следи ситуацијата и согласно истата доколку е потребно да се дејствува, тоа ќе се направи“, велат од кабинетот на Филипче.

Од понеделник започнува вакцинација на вработени во критична државна инфраструктура

Национална техничка група за имунизација против Ковид 19 донесе одлука од почетокот на следната недела да започне и вакцинацијата на вработени во критичната државна инфраструктура.Вкупно 4000 вакцини ќе бидат издвоени за овие категории од првичните 24000 вакцини кои веќе пристигнаа и со кои од утре започнува вакцинацијата на граѓаните над 75 години.

Во критична инфраструктура влегуваат следните групи: вработени во МВР кои се најизложени на ризик а за кои МВР треба да достави списоци согласно ризикот, вработени во АРМ исто така согласно список доставен од институцијата за најизложените групи, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП, пожаникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините.

Со оваа одлука техничката група за имунизација смета дека ќе се заштитат оние вработени кои имаат најмногу контакти и се во голем ризик.

Започнува имунизацијата

Во среда започнува имунизацијата со АстраЗаенека, а во тек се подготовките за масовно вакцинирање во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Првите 20.000 граѓани кои ќе бидат имунизирани со АстраЗенека се хронично болните и лица над 75-годишна возраст, како ризична група.

Во ковид центрите има 260 слободни места

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализарани 74 нови пациенти поради компликации од коронавирусот со што вкупно 666 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Во последното деноноќие на интерните и на хируршки клиники имало 30 приеми, информираше денеска Министерството за здравство (МЗ).

Во изминатите 24 часа дома биле пуштени 76 оздравени пациенти. Од Министерството за здравство информираат и дека вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 1.577 и има околу 260 празни болнички кревети во ковид-центрите.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 127.240, бројката на оздравени пациенти е 105.524, на починати е 3.716, а бројот на активни случаи изнесува 18.000.