ДПИ, УЈП и ДИТ во угостителски објекти во Гостивар – не се издавале фискални, непријавени вршат дејност, затекнати лица без регулиран престој

од Vladimir Zorba
184 прегледи

МВР информира дека во текот на претходната ноќ, од страна на полициски службеници на Бирото за јавна безбедност, во содејство со инспектори од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот инспекторат за труд (ДИТ), била спроведена заедничка контрола во угостителски објекти во Гостивар.

-За време на контролата во еден од угостителските објекти од страна на ДПИ констатирани се неправилности по Закон за заштита од пушење, од страна на УЈП е констатирано неиздавање фискални сметки, а од ДИТ затекнато е едно лице на работно место без соодветни документи. Полициски службеници затекнале едно женско лице, странски државјанин, без регулиран престој и соодветни документи, кое е предадено на инспектори за странци за понатамошна постапка, соопштуваат од МВР.

Во друг угостителски објект изречени се глоби поради констатирани неправилности од страна на ДПИ, УЈП и ДИТ, меѓу кои неиздавање на фискални сметки, непоседување книга за дневен извештај, непочитување на Законот заштита од пушење во затворен дел од објектот и друго.

-Неправилности од страна на УЈП во врска со неиздавање на фискални сметки, непоседување на фискална каса и книга со извештаи се констатирани во уште еден угостителски објект во Гостивар, за што ќе бидат изречени парични глоби. Во истиот објект се затекнати осум лица кои непријавени вршат угостителска дејност за што ќе следува казна, известуваат од полицијата.

За време на акциската контрола, на подрачјето на Гостивар биле затекнати пет возачи кои управувале возило под дејство на алкохол.

-Тие се исклучени од сообраќај и издадени им се соодветни платни налози. Притоа, констатирани се девет останати прекршоци, кои се законски санкционирани, соопштуваат од МВР.

Слични содржини