Др.Олумчев: „Омикрон“ се шири меѓу младите, кај нас може да се појави за еден месец

од Берта Китинска

Од прилика имаме околу 30 мутации на ковид 19 кои може да ни предизвикаат проблеми и во прашање да ја доведат ефикасноста на вакцините.Новиот сој, Омикрон веќе е пристигнат во Европа, кај и да е, кај нас може да се појави за еден месец, вели во разговор за „Локално“, епидемиологот Сашо Олумчев, раководител на Центарот за јавно здравје во Гевгелија.

Според досегашните студии како што објаснува тој Омикрон е двапати позаразен од Делта и Алфа сојот, а таргет група се младите луѓе.

-Досега од она што е познато е дека тој ги напаѓа помладите меѓу 20 и 30 години и не би било чудно неговото ширење да биде токму кај оваа група на луѓе и кај нас со оглед на тоа што оваа популација на граѓани ни е најмалку вакцинирана. Младите се во постојан контакт преку дружби и прашање е колку тие се придржуваат до носењето маски и држењето дистанца.Досегашните студии велат дека тој е двапати позаразен од делата и алфа сојот, а по симптоматологијата од студиите од Јужна Африка се покажува дека нема некои сериозни симптоми кои се разликуваа и тука настанува проблемот во дијагностиката , објаснува Олумчев.

Епидемиологот напоменува дека докторите ќе треба многу да внимаваат при прегледите и неговото детектирање.

-Во сезона на грип и настинки сме можно е да се направи привид при дијагностиката и со тоа да се испуштат првите пет дена кои се најзначајни за овој вирус,подвлекува докторот.

Во врска со тоа какви мерки се потреби да се превземат бидејќи дел од европските земји каде новиот вид веќе се појави забранија летови од Јужна Африка воедно воведоа и карантин за патниците кои пристигнуваат од таму, Олумчев смета дека е рано да се затворат кај нас границите и дека носењето на маска и почитувањето на другите мерки ќе ни дадат можност да поминеме полесно.

-Оружје број еден во борбата со вирусот е носењето маска. Таа се покажа како најефикасна превентива мерка воедно и најефтина.Само со дистанца, дезинфекција и маска таа бројка еден спрема два ќе ја минимизираме и ќе биде безопасно да се шири вирусот бидејќи со носењето на маски видовме дека се заштитуваме и од грипот и со тоа имам шанса да поминеме полесно.Сметам дека во моментов почитувањето на веќе донесените мерки е најдоброто нешто.Ќе мора да се воздржиме уште малку затоа што последитиците од ковид може да бидат фатални, предупредува епидемиологот.

Тој напоменува дека во оваа ситуација незаштитени се невакцинираните лица, но и оние кои примиле вакцина мораат да ги почитуваат мерките бидејќи не се 100 процентно заштитени.

-И вакцинираните можат да го пренесат вирусот дома или на работа затоа морат да сфатат дека и тие треба да се заштитат,подвлекува Олумчев.

Антителата не се мерило за имунитетот

-За третата доза не треба да се проверуваат антителата, тие не се мерило за имунитет секое антитело си има рок на траење.Битна е имуната меморија која во допир со вирусот или неговата мутација започнува да лачи антитела. Меморијата секој ја има ако бил во контакт со вирусот или се вакцинирал. Третата доза е подготвување на имунитетот и меморијата да се активира и да биде спремна за средба со вирусот, објаснува докторот.

Тој напоменува дека одговорот на антитела од имуната меморија зависи од човек до човек.

-Доколку Омикрон ни појави нови антигени ќе мора да се дизајнира сосема нова вакцина, исто како и за грипот. За вирусот спас е вакцината, а заштитата од мутациите е носењето на маска.Бидејќи доколку не сме заштитени со маска тој мутира во нашиот оргнизам напаѓајќи го здравиот организам кој му дава отпор. Затоа најдобриот и најефтиниот лек се маските од 5 или 20 денари, вели тој.

Б.М.

Слични содржини