Најмалку 110 деца се евакуирани од детската болница во Букурешт по пожарот што избувна доцна навечер во вторникот, соопштија властите.
Во пожарот нема повредени, кој во меѓувреме е изгаснат, јавува „Аџерпрес“.
Според официјални лица, пожарот избувнал кога генератор експлодирал по прекин на струја, додава „Ројтерс“.
Романското министерство за здравство објасни дека детската болница за рехабилитација се потпирала на сопствен генератор за струја повеќе од еден час откако синоќа снемало струја.
Кога мрежата била обновена, трансформаторот експлодирал и два автомобила во близина се запалиле.
Сите евакуирани се префрлени во блиската детска болница.
Портпаролот на детската болница „Марија Кири“, каде што се префрлени евакуираните од болницата „Николае Робанеску“, изјави дека се евакуирани 110 деца пациенти и 21 лице кои се грижат за нив.
Во Букурешт и неколку околни окрузи веќе два дена е во сила црвен метео аларм поради топлотниот бран, бидејќи температурите надминуваат 40 степени Целзиусови.