Драматичен климатски извештај на ЕУ: Најави за суши, поплави, пожари

од Stefanija Kuzmanovska

Ова лето Европа ќе се соочи со посилни, подолги и почести топлотни бранови, како и суши, поплави и пожари, а сето тоа ја загрозува природата, здравјето на луѓето и економијата, предупреди Европската агенција за животна средина (ЕЕА).

Во јужна Европа може да има повеќе од 60 летни денови, во кои условите би биле опасни по здравјето на луѓето, што значи повеќе смртни случаи и хоспитализации, особено на старите и болните, доколку не се спроведат мерките за адаптација.

„Топлинските бранови се најсмртоносните екстремни временски настани во Европа, а зголемената ранливост на европското население поради стареењето и урбанизацијата бара итна акција за да се спречи загуба на животи“, соопшти ЕЕА.

На поголемиот дел од Европа се предвидуваат поголеми врнежи кои ќе предизвикаат поплави, особено во северозападните и централните делови на континентот.

ЕЕА потсетува дека поплавите од 1980 до 2021 година предизвикале штета од речиси 258 милијарди евра и дека оваа сума секоја година во просек расте за повеќе од два отсто.

Повеќе од половина Европа е погодена од екстремни суши и во зима и во лето од 2018 година, а минатата година тие значително ги намалија приносите на пченка, соја и маслинки.

„Уште една сува зима не навестува на добро ова лето и изгледите се песимистички. Исклучително сувата и топла зима значеше ниска снежна покривка и резултираше со ниска влажност на почвата, низок проток на реките и пониски нивоа на вода во резервоарите низ поголемиот дел од јужна и западна Европа“, објави ЕЕА.

Агенцијата предупредува дека долгорочните климатски проекции покажуваат дека јужните и централните делови на Европа ќе станат уште посуви и потопли во овој век – со катастрофални последици за земјоделскиот сектор.

Се очекува вкупните економски загуби во сите сектори поврзани со сушата до крајот на векот да се зголемат од сегашните девет милијарди евра годишно на 25 милијарди евра, со пораст на температурата за 1,5 степени. Проценките се дека во случај на глобално затоплување од два степени, загубите би биле 31 милијарда евра годишно, а во случај на зголемување на глобалната температура за три степени – 45 милијарди евра.

На ширењето и влијанието на пожарите влијаеја и сувите и многу долги топли периоди со силен ветер. Најмногу шумски пожари имаше во јужна Европа, но сè повеќе ги има во централна, па дури и во северна Европа.

Според најлошото сценарио, јужна Европа, особено Пиринејскиот Полуостров, ќе доживее значително зголемување на бројот на денови со висока опасност од пожари. Бројот на луѓе кои живеат блиску до дивината и се изложени на ризик од пожар најмалку 10 дена годишно би се зголемил за 15 милиони доколку глобалните температури се зголемат за три степени.

Исто така, ЕЕА предупредува дека потопла клима носи ризик ендемичните и инвазивните животински видови кои пренесуваат болести да се шират на север или на повисоки надморски височини отколку што беше случај досега.

Исто така, се предвидува дека климатските услови за тигрести комарци, кои го пренесуваат вирусот денга, ќе се зголемат во големи делови од континентот, особено во Западна Европа, која може да стане жариште за комарци до крајот на векот.

Маларијата може повторно да се појави во Европа поради широкото ширење на комарците кои го носат вирусот. Зголемените врнежи и присуството на стоечка вода создаваат повеќе живеалишта за нив, а повисоките температури ја зголемуваат стапката на каснување од комарци и развојот на паразитот Плазмодиум кој предизвикува маларија.

ЕЕА отвори нова веб-страница во обид да ги објасни најголемите промени во климата поврзана со временските услови, со интерактивни и мапи за истражување на информации за топлотни бранови, поплави, суши и пожари што веќе се случиле, што да очекуваме и колку сме подготвени да се соочиме со тоа.

„Целта е да се обезбедат ажурирани информации и податоци за да се подигне свеста кај носителите на одлуки и јавноста за итната потреба за справување со климатските промени и поддршка на владините напори за спроведување мерки за ублажување на климатските промени и подготовка на општеството“, велат од ЕЕА.

Слични содржини