Драматично обраќање на молдавскaта претседателка: Уапсени 74 руски агенти, биле обучувани во Србија

Малата земја сместена помеѓу разорената од војна Украина и членката на ЕУ и НАТО, Романија се упатува кон гласачките места во недела, 28 септември, на она што се опишува како клучно бојно поле меѓу проевропските и проруските политички сили

од Vladimir Zorba
65 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Официјален профил на Маја Санду

Изборите во Молдавија доаѓаат помалку од една година по тесниот референдум за членство во Европската Унија, проследен со обвинувања од владата за силно мешање на Кремљ. Во драматично обраќање до нацијата, проевропската претседателка Маја Санду предупреди дека Москва директно го загрозува суверенитетот, независноста и европската иднина на Молдавија.

„Сериозно велам дека нашиот суверенитет, независност, интегритет и европска иднина се во опасност“, рече Санду, обвинувајќи ја Русија дека инвестирала стотици милиони евра во обид да купи гласови и да ја дестабилизира земјата.

„Ако Русија успее да ја преземе контролата врз Молдавија, последиците ќе бидат директни и опасни за нашата земја и целиот регион“, додаде Санду.

Во пресрет на изборите, молдавските власти спроведоа масовни рации низ целата земја, апсејќи 74 лица осомничени за вмешаност во планот за предизвикување немири. Според Асошиејтед Прес, меѓу осомничените, на возраст меѓу 19 и 45 години, многумина редовно патувале во Србија на обука, што, според полицијата, честопати им било претставено како аџилак.

„Станува збор за документирани криминални намери на овие лица, а не за политички субјекти“, нагласи шефот на полицијата Виорел Чернаутеану.

Властите во Кишињев долго време ја обвинуваат Москва за водење „хибридна војна“ во Молдавија – од мешање во избори до финансирање на проруски партии и масовни кампањи за дезинформација. Неколку истражувачки групи сега предупредуваат дека е во тек нова фаза на руска активност, користејќи лажни веб-страници, „клик-фарми“ во Африка и вештачка интелигенција за да произведат коментари насочени против владејачката партија ПАС и Европската Унија.

„Стотици лица се платени да поттикнуваат насилство и да шират страв“, рече Санду. „Апелирам до сите граѓани: не смееме да дозволиме нашата земја да биде предадена на странски интереси.“

Во 2022 година, по почетокот на руската инвазија на Украина, Молдавија аплицираше за членство во Европската Унија и доби статус на кандидат истата година. Преговорите за пристап беа отворени минатата година, што дополнително ги затегна односите со Москва.

Во своето обраќање, Санду предупреди дека руското влијание може да има последици и за соседна Украина и за безбедноста на цела Европа: „Европа ќе заврши на границата со Молдавија. Европските фондови ќе престанат. Слободата на движење може да исчезне. Нашата земја може да стане отскочна даска за инфилтрација кон Одеса. Транснистрија би била дестабилизирана.“

„Кремљ мисли дека сите сме на продажба, дека сме премногу мали за да се спротивставиме, дека не сме држава, туку територија. Но, Молдавија е наш дом, а нашиот дом не е на продажба“, заклучи молдавскиот претседател.

Слични содржини