Дрисла назад во рацете на Градот, Шилегов го разреши „невиниот“ Ангелов

од Vladimir Zorba

Градоначалникот Петре Шилегов соопшти дека по двегодишна тешка, напорна, но истовремено и искрена и принципиелна борба депонијата „Дрисла“ е вратена на Град Скопје.

– Со ова решение од Централен регистар денеска и официјално завршува деветгодишната авантура на ВМРО-ДПМНЕ со која овој моќен градски капацитет беше даден на користење на несоодветни т.н. партнери на градот. Во периодот што следува, за исправноста на работењето на депонијата „Дрисла“ ќе одговара Град Скопје и јас лично како Ваш градоначалник. Создадени се услови во текот на утрешниот ден да биде разрешен сегашниот директор на „Дрисла“ и именување на нов в.д. директор, а по седницата на Советот на Град Скопје закажана за 29 јануари, да бидат избрани управен и надзорен одбор на сега веќе градското јавно претпријатие за управување со комунален отпад – рече Шилегов.

Тој додаде дека по завршувањето на оваа постапка ќе ги повика сите надлежни институции и заинтересирани граѓански здруженија и асоцијации, сите заинтересирани граѓани поединци да помогнат заеднички да се направи анализа на досегашното работење на депонијата и заеднички да ја утврдат фактичката состојба во овој сега веќе градски капацитет.

Тој додаде и дека според информациите со кои располага, опасен отпад во земјава и во „Дрисла“ не е внесен, но сепак додаде дека тоа треба да се провери и ги повикува и надлежните инстиутции и граѓанските организации да разменат доколку имаат информации за евентуални нерегуларности.

Одговорот дојде по објавувањето на информацијата изминатиот викенд дека во Бугарија е отворена истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери отпад од компаниајта „Блацион“ ООД во сопственост на Блаже Игнатов и Горан Ангелов, кој е директор на депонијата „Дрисла“.

– Градот Скопје не е орган кој на каков било начин е поврзан со увоз на отпад. И прашањето е за Царинската управа. Она што јас го имам како информација е дека легално не е внесен отпад во „Дрисла“, рече Шилегов на прес-конференцијата на која соопшти дека со депонијата „Дрисла“ повторно ќе управува Градот Скопје.

Јавното обвинителство на Бургас пак денеска соопшти дека по извршените контролни анализи на предметниот отпад, во врска со информациите за увоз на отпад од Италија во Бугарија, категорично тврди дека не се работи ниту за опасен ниту за токсичен отпад.

Како што се наведува во соопштението, друштвото „Блацион“ е посредник, а не производител на отпадот и за тоа поседува соодветна лиценца.

„Производителот на отпадот е тој што е одговорен за квалитетот на отпадот и одговара за тоа како го декларирал. Категорично ги демантираме сите други шпекулации со кои се поврзува нашата компанија во врска со овој случај и натаму нема да толерираме дезинформации што го уриваат реномето на нашата компанија и затоа ќе преземеме соодветни правни мерки“, стои во дописот.

Царинската управа дополнително го подигна степенот на проверка и контрола на секаков вид отпад и материи кои би можеле да го загрозат здравјето на граѓаните, велат оттаму.

„Согласно стратешките определби на Царинска управа во насока на безбедноста и здравјето на граѓаните, увозот и контролата на опасен отпад, како стока со ризик, секогаш е предмет на царинска контрола и во рамките на надлежностите на ЦУ истата се спроведува согласно законот. Тоа подразбира задолжително поседување на соодветна дозвола за увоз од надлежното министерство, во случајов тоа е Министерство за Животна средина и просторно планирање“, соопштија од Царината.

На прашања дали досега е пријавен влез во Република Северна Македонија на одредена стока од компанијата „Блацион ДОО “, тие информираа дека согласно нивните податоци, компанијата не се појавува како испраќач во увозна царинска постапка. За фирмите кои користат гориво од отпад, согласно евиденцијата со која располага ЦУ, во текот на изминатата година само една компанија користела гориво од отпад.

„Вкупната количина на увезен отпад за изминатата година е 2.215 тони, за кои што секој увозник уредно доставил дозвола издадена од соодветното министерство и при тоа не станува збор за увоз на опасен отпад“, тврдат оттаму.

Разрешениот директор на „Дрисла“, Горан Ангелов пак на својот Фејсбук профил синоќа објави соопштение во кое ги негира обвинувањата кон него, а кои доаѓаат по истрагата во Бугарија.

– Отфрлам секаква одговорност околу отпадот кој се наоѓа на безцаринските зони во пристаништата Бургас и Варна. Не сум увозник нити нарачател на тој отпад и јас разбрав за тој отпад од бугарските медиуми. Горан Ангелов е косопственик во фирмата Балзион со влог од 15%, но не сум управител ниту директор на истата. Сите Бугарски медиуми соопштија дека станува збор за неопасен отпад, а врз основа на анализите направени изминативе два дена од соодветните Бугарски институции (МВР, Обвинителство, Министерство за екологија). Вистината ќе ја види светлината на денот, пишува Ангелов.

Тој додава дека во Дрисла немале примено или увезено ниту еден килограм отпад од странство, а не пак опасен или токсичен, за што како што пишува, сите релевантни македонски институции се изјасниле.

-Зарем мислите дека јас ќе ја загрозам мојата сигурност, безбедноста на вработените и на сите граѓани од Скопската котлина со вакви измислени увози на опасен отпад. Не заборавајте дека и јас сум секој ден на работа во Дрисла и не сум во стаклено ѕвоно, туку секој ден сум на депонијата. Сепак и мојата фамилија живее во Скопје, зарем би дозволил да си ги трујам децата. Престанете со манипулации и барајте ги вистинските загадувачи во Скопската Котлина, кои Вас, мене, Вашите и мојата фамилија ја трујат. За на крај да Ви поставам едно прашање: Дали е случајно што се создаде афера во Бугарија, каде ние Македонците сме посочени за увоз на отпад, а во меѓувреме има уште сто такви афери каде не се објавуваат нити иницијалите на сопствениците и управителите, а во голем случај ниту фирмите кои се инволвирани во слични случаии, ама нас не посочија со Име и Презиме, не оцрнија, не прогласија за виновни и чекаме “бесилка”. Зарем правилото на презумпција го заборавија во Европска Бугарија. “Случајно” денес се трансформира Дрисла од ДОО во ЈП и ќе биде сменет и директорот Горан Ангелов. Филигранска случајност, напиша разрешениот директор на Дрисла.

Слични содржини