Во македонски услови, постојат неколку видови дрвја кои можат да се засадат и да помогнат во ублажување на аерозагадувањето, кое претставува сериозен проблем за Македонија, пишува Фокус.

Аризонски чемпрес, јавор, јасен, можат да опстанат во градските средини во земјава. Иако дабот е дрво кое значително помага за намалување на загадувањето, сепак тој успева на надморска височина од 1000 метри, вели Весна Темелковска, шеф на расадник во Македонски шуми, подружница Куманово.
„Аризонски чемпрес ние имаме во расадникoт и тој може да се засади. Јасенот кој има голема лисна маса и јаворот може да опстанат во градските средини. Грмушките кои се садат или живите огради, имаат способност да спречат ширење на прашина, но за загадување на воздухот не можат многу да помогнат. Брезата има ретка крошна, и таа има плитки корења кои го подигаат асфалтот, што значи дека не е погодна за урбана средина. Кај нас значајно е да се каже дека липите и дивите костени кои ги имаме по градовите се оболени, имаат заболување на кората, но тоа се случува и во други земји“, вели таа./Фокус