Писмо на читател до рубриката Граѓански:

Со оглед на тоа што Министерството за култура не одговара на мојот мејл кој им беше пратен со цел да дознаам зошто овој значаен археолошки локалитет е запуштен повеќе од 3 години и полека, но сигурно се уништува, Ви праќам мејл со цел да се актуелизира оваа ситуација и да се превземе нешто од страна на надлежните институции како би се зачувало и она што е останато. Се надевам дека ќе ја споделите оваа информација и ќе помогнете во процесот на зачувување на македонското културно наследство.
Лицемерно и срамно е од една страна да се вложуваат огромни средства за рекламни кампањи како „Истражи ја Македонија“ или „Мојата чудесна земја Македонија“, а истовремено на само 20 километри од Скопје да имаме ситуација во која археолошки локалитет значаен по својата историска и културна вредност е оставен да пропаѓа.
Ако сме искрени во патриотските чувства и љубовта кон државата, ако сме искрени во нашата намера да се зачуваат сите културни посебности на Македонија и да ја афирмираме како земја која постоела многу одамна, мора да се превземе нешто и да се зачува тоа културно наследство за кое барем до сега знаеме.

Самите слики направени на локалитетот покажуваат во каква очајна состојба се наоѓа тој, и колку државата го цени и е подготвена да се грижи за зачувување на културното богатство.
За да се види колку овој локалитет е запуштен, Ви праќам и две слики од Википедиа кои се сликани брзо по завршувањето на ископите. 
На мојот мејл испратен до Министерството за култура од ден 09.10.2016 па се до денес нема никаков одговор, а неопходно е итно реагирање во насока на зачувување на овој археолошки локалитет.