Државниот инспекторат со вонреден надзор, функционерите добија казни од МВР

од Берта Китинска

Членовите на ДУИ кои се фотографираа без маски на роденденската забава на лидерот на партијата Али Ахмети во новоотвореното седиште на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците добјиа казнени налози.

Министерството за внатрешни работи им испратило казнени налози за прекршување на мерката за носење маски во затворен простор на 15 функционери на ДУИ.

Според информациите, вицепремиерот Артан Груби веќе ја примил казната и ја платил по електронски пат.

Казните се по 20 евра, а, како што пренесоа дел од медиумите, како и за сите граѓани, така и за функционерите, важи правилото дека ако ја платат казната во рок од една недела, ќе им се намали на 10 евра.

Според министерот за надворешни работи Бујар Османи во ниеден момент немало кршење на протоколите.

-Во ниеден момент немаше кршење на протоколите, немаше ни забава, грешката е што беше пуштена фотографијата без маски. Таа настана во еден миг на изненадување и честитка на вработените, изјави Османи.

Функциинерите од ДУИ, како што се најавува, би можеле да бидат дополнително казнети и за прекршување на забраната за собирање, а би можеле да се соочат и со кривична пријава за непостапување според здравствените прописи во време на епидемија.

Државниот инспекторат за труд денеска ќе го доврши вонредниот надзор и ќе утврди дали е прекршен протоколот за превентивни мерки на сите работни места донесен од владата каде го гласале и дел од министрите што не го почитувале.

Слични содржини