ДС: Почнува расправата за формирање независна Агенција за борба против висока корупција и организиран криминал

од Nikola Popovski

По долги години отпор од партиите, денеска Парламентот треба да ја почне расправата по Предлог законот за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, поднесен од пратеникот Павле Трајанов, информираа од Демократскиот сојуз.

Со усвојувањето на овој закон се создаваат услови за искоренување на криминалот од функционери и други лица инволвирани во висока корупција, велат од партијата.

Додаваат дека за првпат во Македонија се формира независна Агенција за борба против тешките облици на криминал, над која нема да има партиско и политичко влијание или влијание од носителите на високи политички и државни функции.

-Во законот се вградени системски решенија кои ја гарантираат самостојноста на Агенцијата при откривање и документирање на криминал со огромни димензии. Оваа Агенција треба да открива тешки облици на криминал, да поднесува кривични пријави, да предлага конфискација на имотот стекнат на криминален начин, како и да предлага забрана на политичко дејствување. Со Агенцијата ќе раководи директор кој ќе го избира борд од 12 лица со висок интегритет и резистентни на политички и коруптивни влијанија.

Во Агенцијата ќе се ангажираат (околу 40) врвни професионалци, со посебни права и овластувања.
Инаку овој закон е дел од проектот ДЕКРИ, по чиј урнек вакви независни институции се формираа во БиХ, Србија, Хрватска, Словенија, Англија, Црна Гора и други држави. Само во Македонија постоеше и постои отпор да се формира независна институција за борба против организинираниот криминал, која нема да можат да ја контролираат партиите.

Во време кога Македонија е високо криминализирана, кога секојдневно се соочуваме со информации за криминал и корупција од високи размери, кога постојните институции се партизирани и парализирани, ги повикуваме пратениците да ги надминат теснопартиските интереси и да гласаат за започнување на борба против криминалот кој ги разорува институциите и државата во целина, стои во соопштението на ДС.

Слични содржини