Од верските календари

ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 23 мај.
Денеска е Духовден – Слегување на Духот Свети (Втор ден).
Овој празник се смета за роденден на Христовата црква. Имено, пред вознесението Христос им порача на апостолите да останат во Еруса¬лим и да го чекаат слегувањето на Духот-Утешител. На десеттиот ден од Христовото вознесение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а овие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици. Тоа е конкретниот настан. Но, за црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време па се до денес не ја напушта црквата. Духот е критериум за се што се случува во црквата и на општ и на личен план. Во таа смисла, Духот од оној ден во Ерусалим непрестано слегува врз црквата на Литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е Св. Бонифациј.
Бил роден во Англија. Во 716 година, го проповедал Евангелието меѓу Германите. Тогаш кралот Гргур Втори му дозволил да биде мисионер меѓу Германите. Свети Бонифациј во Германија основал манастири. Својата верност кон Христос ја потврдил со маченичката смрт во 754 година.
ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР
Времето за ифтар и суфур
Во Скопје, времето на ифтар (кога завршува постот), денеска е во 20 часот и 12 минути, додека времето на суфур (кога почнува постот) e во 3 часот и 12 минути.
Времето на ифтар и суфур во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес 2 минути порано, Штип 3 минути, во Кочани 4 минути, во Струмица и Валандово 5 минути, а во Делчево 6 минути порано.
За разлика од времето на ифтар и суфур во Скопје, во Ресен и Битола тие почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево 2 минути, а во Охрид, Дебар и Струга 5 минути подоцна.