ДУИ: Додека ВЛЕН спие, Костадиновски од Уставниот суд ја продлабочува соработката со Србија во Белград

Од партијата на Ахмети критикуваат бидејќи Костадиновски и судијката Павловска-Данева биле на билатерална средба со судии од Уставниот суд на Србија

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Фејсбук/Али Ахмети

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за неодамнешните случувања во Уставниот суд на Република Северна Македонија, каде, како што велат, наместо да го штити уставниот поредок и правата на граѓаните, според нив, сме сведоци на сериозно отстапување од неговата основна задача.

„Додека ВЛЕН спие и молчи пред овие случувања, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, ја продлабочува соработката со Србија во многу чувствителен политички и институционален момент.

Според официјалните најави, делегацијата на Уставниот суд, претставувана од претседателот Костадиновски и судијката Ана Павловска-Данева, одржала работен состанок во Белград со претседателот на Уставниот суд на Србија, Владан Петров, како и со судиите Добросав Миловановиќ и Наташа Плавшиќ. На овој состанок беше нагласена подготвеноста за унапредување на соработката меѓу двете институции, опишувајќи ја како важен чекор во функцијата на односите меѓу двете земји.

Според српската страна, оваа посета има и посебна симболика, бидејќи Костадиновски е првиот претседател на Уставен суд што ја посетува соодветната институција во Србија откако Петров е избран на оваа позиција. На состанокот беа разгледани надлежностите на судовите, методите на донесување одлуки и актуелните предизвици, нагласувајќи ја потребата од поинтензивна соработка во регионот, дури и во контекст на евроинтеграциските процеси“, велат од партијата на Али Ахмети.

За ДУИ е неприфатливо што во време кога Уставниот суд во земјата донесува еднострани и неуставни одлуки што директно влијаат врз правата на заедниците, неговите раководители се фокусираат на градење партнерства што предизвикуваат сериозни загрижености и дилеми во јавното мислење.

-Наместо да биде гарант на Уставот, овој суд станува лост на моќ, придонесувајќи за намалување на демократските стандарди и меѓуетничката еднаквост, истакнуваат од опозициската партија.

ДУИ оценува дека овие постапки претставуваат опасен преседан за функционирањето на владеењето на правото и за европскиот пат на земјата.

„Правосудните институции мора да бидат независни, непристрасни и во служба на граѓаните, а не инструментализирани за политички агенди што ја нарушуваат социјалната кохезија и институционалната стабилност.

Апелираме до сите релевантни институции, меѓународни партнери и јавното мислење внимателно да ги следат овие случувања и да реагираат на секој обид за поткопување на уставниот поредок. Република Северна Македонија заслужува институции што работат во духот на европските вредности, а не отстапувања што ја оддалечуваат земјата од оваа стратешка ориентација“, се наведува во одговорот на ДУИ.