ДУИ ги обвини ВЛЕН дека со измама заминале на инаугурацијата на Трамп, бараат реакција од Обвинителството

од Nikola Popovski
120 прегледи

ДУИ ја обвинува ВЛЕН дека непоканети заминале на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и дека, како што велат, таквата измама е направена со средства од државниот буџет.

-Претставниците на коалицијата ВАЛЕН преку невиден чин на манипулација и измама уште еднаш докажаа дека целата нивна коалиција е изградена на лаги и манипулации. Нивните јавни изјави за официјалната покана да присуствуваат на инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп беа срамна измама и грд обид да се создаде илузија за меѓународна поддршка.

Наместо достоинствено да ги застапуваат интересите на граѓаните, тие беа видени како талкаат по улиците на Вашингтон, објавувајќи гротескни фотографии на социјалните мрежи пред рекламни паноа на церемонијата и владините згради.

Оваа јавна фарса, платена со парите на даночните обврзници, е врвот на манипулацијата што го карактеризира овој политички субјект без визија, без морал и без одговорност кон граѓаните.

Со овој срамен чин тие се понижија, ги посрамотија Албанците и го доведоа во прашање интегритетот на институциите што ги претставуваат пред очите на светот. Покрај политичката манипулација, овој случај претставува сериозна злоупотреба на јавните средства за скапи излети, кои во основата имаат ниски политички цели, констатираа од ДУИ.

Партијата бара секој од политичари јавно да ги објави средствата потрошени од државата за оваа, како што велат, екскурзија и потоа Обвинителството да покрене целосна и непристрасна истрага за овој скандал.

Претседателот на Алијансата за Албанците и пратеник во Собранието, Зијадин Села, вчера рече дека е „нелогично е толку мала земја да ги добие сите тие покани за учество на инаугурацијата, што предизвикува сомнеж дека министрите кои отишле не биле поканети“.

„Ако ова беше единствениот сегмент каде што се злоупотребуваа парите на граѓаните, секако дека би можеле да имаме економски развиена земја. Бесмислен натпревар кој станува уште посмешен кога ќе ги видите како се натпреваруваат во Владата за да одат на церемонијата на инаугурација на претседателот Трамп.

Простата логика јасно кажува дека нема шанси толку мала земја како Македонија да добие покани за сите тие партиски лидери, а зачудувачки, сите се дел од новото парламентарно мнозинство“, кажа Села во емисијата „Дејли клик“.

На инаугурацијата на новиот американски претседател, како што соопшти претходно Владата, ќе присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, првиот вицепремиер Изет Меџити, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и заменик-министерот за европски прашања Викторија Трајков. Сепак, покрај нив, можевме да забележивме дека во Вашингтон се присутни и министерот Арбен Таравари, спикерот Африм Гаши, како и претседателот на Алтернатива, Зекирија Ибраими.

Во петокот, бугарскиот медиум „Лупа“ објави дека американската ПР компанија „Дашл груп“, со која ВМРО-ДПМНЕ имаат официјален договор од 2015 година, го поканила Мицкоски во Вашингтон, а не новоизбраниот американски претседател.

„Посетата на македонскиот премиер е од приватен карактер. Затоа, тој нема да присуствува на официјалната церемонија на инаугурација на Трамп. Тој ќе биде приватно лице во широкиот круг на присутни, во кој ќе има новинари од Бугарија и јавни личности од целиот свет“, велат меѓу другото од овој бугарски медиум.

Слични содржини