ДУИ го поддржа апсењето на Мадуро: „Нашата историја нè научи дека кога Америка води со решителност, слободата победува“

„Цврстиот став против нарко-лидерите и организираниот криминал претставува заштита не само за Америка, туку и за меѓународниот мир и стабилност“, велат од партијата на Али Ахмети

од Nikola Popovski
30 прегледи Фото: Фејсбук страница на ДУИ

„Нашата непоколеблива поддршка кон нашиот стратешки сојузник, Соединетите Американски Држави, била и останува јасен и исправен избор“, велат од ДУИ за апсењето на Николас Мадуро кој беше заробен заедно со неговата сопруга во американската воена операција во Венецуела. Од партијата на Али Ахмети истакнуваат дека го поддржуваат „лидерството на претседателот Доналд Трамп и ангажманот на САД во спротивставувањето на авторитарните режими и криминалните структури кои ја загрозуваат слободата, демократијата и глобалната безбедност“.

-Цврстиот став против нарко-лидерите и организираниот криминал претставува заштита не само за Америка, туку и за меѓународниот мир и стабилност.

Народите заслужуваат да живеат слободно, со демократски институции и владеење на правото, а не под страв и репресија. Нашата историја нè научи дека кога Америка води со решителност, слободата победува, додаваат од ДУИ.

Во партиското соопштение од Мала Речица се додава: „Најдобро ја разбираме тежината на храбрите американски одлуки, бидејќи и нашиот пат кон слободата е сведоштво за таа поддршка. Трансатлантското партнерство е најсилно кога се темели на заеднички вредности и обединет став против тиранијата. Кога Америка стои силно, стоиме силни заедно“, потенцираат од опозициската партија.

Според извештаите од САД, на венецуелскиот претседател ќе му се суди по обвиненија поврзани со дрога и оружје, додека Вашингтон привремено ќе управува со земјата додека не обезбедат праведна транзиција на власта. Трамп најави итно активирање на нафтените капацитети под американска контрола.