ДУИ излегува на средби со граѓани, за протести не било дискутирано

од Nikola Popovski
35 прегледи

Во наредниот период ќе се одржуваат отворени седници на претседателството на ДУИ по партиските ограноци. За протести не било дискутирано иако и тоа е дел од агендата, информираше вчера портпаролот Арбр Адеми по завршувањето на седницата на централното претседателство на ДУИ.

„ДУИ со голема сериозност и загриженост ги следи сите политички случувања во земјата и во регионот, почнувајќи од оддалечувањето на нашата земја од Европската Унија и разделување на Албанија од пакетот со Македонија, наспроти ЕУ и затоа оценуваме дека тоа лошо влијае врз меѓуетничките односи во земјава. Централното претседателство изразува загриженост и за меѓуетничките односи, кои нели се напаѓаат од политиките на оваа моноетничка влада, без легитимитетот на сите етнички заедници. Исто така апелираме и до меѓународниот фактор, кои се потписници на Охридскиот мировен на договор особено до САД и ЕУ за ангажирање, продолжување на нивниот ангажман за почитување на Охридскиот мировен на договор“, рече Адеми.

За протести не било дискутирано, иако како што рече Адеми тоа е дел од агендата, но се уште не е на дневен ред. Во среда планирана е првата таква отворена седница во Липково, а потоа и Сарај. На овие средби ќе учествува и највисокото раководство на ДУИ.

„Ќе им објасниме на граѓаните за сите политички случувања во земјата и во регионот, за сите овие неуспеси со кои ние се оддалечуваме од Европската Унија. На крај секако, тоа што ќе биде, нивна волја ќе биде преточено во наши конкретни политички активности и генерално во конкретна наша политика“, рече Адеми.

На новинарско прашање дали најавената поддршка за уставни измени значи и прифаќање на идејата да се смени Уставот, но со одложено дејство, Адеми рече дека тоа претставува оддалечување од стратешките цели.

„Секој обид на оддалечување, реформулирање на обврските кои произлегуваат од преговарачката рамка е обид против нашата стратешка цел“, рече Адеми.

Неодамна премиерот Христијан Мицкоски рече дека обиди за дестабилизација има и ќе има, но порачува дека Владата е подготвена да ги пресретне. Како мотиватор на такви случувања, тој ги посочува челниците на ДУИ, кои според него грчевито се борат на национална тема да мобилизираат луѓе за протести, по можност, како што вели, насилни. Но, тоа според него е прочитано од граѓаните, кои се свесни дека целта на ДУИ е да се заштити од криминалите.

Слични содржини