ДУИ постави ултиматум за нивните гласови: „Етапно да се одлучи за избор на претседателот во Собрание без уцена или условување на етничката или каква била припадност“

од Nikola Popovski
618 прегледи

ДУИ веќе го соопшти својот услов за поддршка во вториот круг од претседателските избори. Вицепремиерот и функционер од владеачката партија, Артан Груби кажа дека гласовите ќе припаднат на онаа политичка партија која ќе прифати избор на претседател во Собрание, за што е потребно и промена на Уставот. Груби на прашањето дали во моментов ДУИ е поблиску до коалиција со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ, избегна конкретно да одговори велејќи „од денешен аспект најблиску сме до коалиција со народот“. Во врска со евентуалните коалициски комбинаторики по завршувањето на парламентарните избори, Груби рече дека ДУИ, заедно со „Европскиот фронт“, на претстојните парламентарни избори цели на освојување 20 пратенички места. Ваквата понуда од партијата од Мала Речица доби „црвен картон“ и од ВМРО ДПМНЕ и од СДСМ.

-Претседателот треба да се избира од граѓаните, истакнаа од „Бихаќка“. На истото се надоврзаа и од „Белата палата“. -Не ја прифаќаме уцената на Артан Груби, порачаа од ВМРО ДПМНЕ.

Ваквата изјава отвора неколку дилеми, од кои најглавните се дали се ставени пред свршен чин македонските партии и дали со ова се отвора простор за прв претседател Албаец на земјава. Дел од аналитичарите сметаат дека ситуацијата со избор на претседателот преку Собранието е само повод да се препукуваат политичките партии. Сепак, политичкиот аналитичар и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“ Енвер Салихи посочува дека е добра опцијата за негов избор со многу помалку средства и напор, со оглед на неговата церемонијална важност.

Енвер Салихи

-Секако оваа ситуација отвара една нова можност за претседателот на државата да се избере во Собрание и барањето е исто и од ДУИ и од коалицијата ВРЕДИ што ги става под притисок македонските партии за прифаќање на истото барање и доколку се следствени до крај албанските партии тогаш и се очекува да оваа тема биде услов за формирање на идната Влада, истакнува Салихи во разговор за „Локално“.

Истакнува дека изборот на шефот на државата од страна на Собранието не е прв и единствен пример само во нашето соседство туку и попшироко се прифаќа како пракса како би се избегнале трошоци за една функција која, вели, дека не е од суштинско значење.

-Сепак првично би било добро етапно да се оди да се одлучи за избор од страна на Собранието без никакво условување на етничката или каква била припадност на лицето што во иднина треба да се избере и секако понатака со коалициски договори би можело да се избере и лице кое е и од другите националности, оценува соговорникот.

Салихи тврди дека барањата на албанскиот блок се скоро идентични без разлика за која коалиција се работи и  можеби и секое отварање на Уставот ќе имплицира и решавање на прашањата за кои албанските партии ги бараат.

-Со оглед на горенаведеното се очекува еден тежок расплет после парламентарните избори и тешко за предвидување, смета аналитичарот.

Сличен став има и политикологот Петар Арсовски, кој наведува дека претседателот се избира со повеќе гласови отколку владата, а нема скоро никакви ингеренции. Според него, треба да се корегира таквата дискрапанца.

Петар Арсовски

-Или да се зголемат ингеренциите на претседателот или да се намали неговиот легитимитет (односно да се поедностави неговиот избор, на пример да се избира во Собрание), истакнува Арсовски во разговор за „Локално“.

Сепак, аналитичарот потенцира дека било каква изборна промена, не смее да се случува под политичка уцена, туку низ опсежна дебата, заеднички консензус и натпартиски.

-Релативната импотентност на македонските партии (реално, ним им се потребни албанските гласови, и тоа е единствената причина зошто мораат да разговараат за вакви барања), прави тие да бидат упатени на компромис со сите политички сојузници. Тоа така и ќе продолжи, ако продолжи трендот на опаѓање на поддршката за партиите вкупно, објаснува Арсовски.

Нагласува дека постои и втора опција.

-Да се намали сериозно цензусот со кој се избира претседател во вториот круг, зашто 40% е нереално, заклучува Арсовски.

Н.П.

Слични содржини