Се залагав да нема избори, пишував за тоа, но за жал ќе има, вели новинарот и аналитичар Зоран Иванов во емисијата „Тренд анализа“ на ТВ24. Според него, нема бегање од избори, но се уште ништо не се знае додека не се распушти Собранието.
Според новинарот Горан Момировски, треба да има избори бидејќи е изгубено многу време.
„Што е можно побргу треба да има избори, изгубивме премногу време. Ако околностите налагаат да се одложат изборите, Македонија ќе изгуби уште десетина месеци“,рече Момировски.
Новинарот и аналитичар Лирим Дулови, пак, смета дека изборите нема да се одложат имајќи предвид активностите кои политичките партии ги имаат на терен.
Тој вели дека ако се земе предвид изјавата на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, дека предлогот за технички министер за внатрешни работи е неуставен, тогаш се поставува прашањето дали тие сакаат предвремени избори.
Во врска со дилемата дали ВМРО-ДПМНЕ со нивниот предлог за технички министер за внатрешни работи, за кој експертите велат дека е неуставен, Зоран Иванов вели дека ингеренциите во техничката влада се речиси никакви.
„Сите во општеството како да сме на трибините и да навиваме. Надлежен е Уставниот суд да толкува дали е или не е уставно. Немам дилема кој ќе биде министер во МВР, бидејќи ингеренциите се речиси никакви. Нас ни треба стабилна политичка клима, а тоа е редовни избори на секои четири години“, рече Иванов.