Дваесет години Охридски рамковен договор

од Берта Китинска

Со низа настани под слоганот „По Охрид” во земјава се одбележува 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во 2001 година.

Воениот конфликт во Република Северна Македонија од 2001 година започна на почетокот од годината, меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на Република Северна Македонија. Конфликтот продолжи во поголемиот дел од 2001 година, а заврши со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во август истата година, со којшто беа унапредени правата, првенствено на Албанците, но и на другите немнозински етнички заедници во земјата (Турци, Бошњаци, Срби, Власи и Роми).

Преговорите започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот, кој беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција во Скопје.

Рамковниот договор, познат и како Охридски договор, беше потпишан меѓу најголемите политички партии во земјата и специјалните претставници на Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД).

Преговорите кои траеја околу два месеца во градот Охрид, се одржаа под покровителство на тогашниот претседател на државата, Борис Трајковски, додека Договорот беше потпишан од страна на тогашните лидери на политичките партии, Бранко Црвенковски, лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Арбен Џафери, лидер на Демократската партија на Албанците (ДПА), Љупчо Ѓеоргиевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ и од Имер Имери, лидер на Партијата за демократски просперитет (ПДП).

Потписници на Договорот, во својство на гаранти, беа и специјалниот претставник на ЕУ, Франсоа Леотар и специјалниот претставник на САД, Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.

Во контекст на спроведувањето на Договорот, во 2004 година беше основан Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, којшто сега прерасна во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Секретаријатот имаше задача целосно да го спроведе договорот и да обезбеди административна и стручна поддршка на заменик претседателот на Владата задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор. Токму сегашното Министерствот е организатор и ги предводи настаните за одбележување на 20 – годишнината од потпишувањето на договорот.

Централниот настан за одбележување на 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор е организиран во соработка со Универзитетот Колумбија од Њујорк и ќе се одржи денеска во скопскиот хотел Александар Палас, а поканети се над 200 гости. Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби најави конференција со три панели и, меѓу другите, обраќања на претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Иако поканети, како потписници на Договорот, на настанот нема да се обратат поранешниот претседател на државата, премиер и лидер на политичката партија СДСМ Бранко Црвенковски и поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Гергиевски. Најавени се и Хавиер Солана и Џорџ Робертсон, амбасадори на ЕУ, САД, НАТО и ОБСЕ, како и Питер Фејт, Пол Вилијамс, Бренда Пиерсон, Давид Син, Роберт Сери и Ветон Сурои.

Слични содржини