(DW) „Елоквентноста“ на Јанева ќе се цени во судница

од desk3

Катица Јанева не е оратор. И не мора да биде. Ниту тоа се очекува од неа. Таа нема никакво искуство пред камери. Но, едно е јасно. Не калкулира и не глуми- пишува DW.

Mazedonien Katica Janeva neuer Generalbundesanwalt

„Договорени прашања – празни одговори, „квази -интервју“, „скандалозно интервју во дневникот на јавниот сервис“, „Јанева станува уште една црна дамка и вистински удар врз професионалните стандарди“… Ова се само дел од обвинувањата од провладини медиуми по првото гостување на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева во дневникот на МТВ. На нејзина адреса беа ставени тврдења дека „немала капацитет ни да ги научи на памет прашањата кои самата си ги нарача да и бидат поставени од МТВ“.

Секако, не понудија ниту еден аргумент за последново тврдење, но затоа јасно потврдија како некои други вешти „оратори“ успевале да се прикажат на ТВ во „најдобро светло“ – преку учење на одговорите на памет.

Да, Јанева имаше хартии пред себе. И не беше тешко од тв – кадрите да се види дека станува збор за Извештајот за шестмесечната работа на СЈО. И треба да го има пред себе, доколку во дел од одговорите треба да презентира бројки, со какви што изобилува извештајот – од податоци за истраги или сослушани лица, па се до кадровски или финансиски бројки. Нив не мора да ги знае на памет, бидејќи се менлива категорија. Како расте бројот на истраги, така се менуваат и тие.

Macedonian Radio Television, MRT

И подобро е да ги има хартиите пред себе, отколку да импровизира или да продава „сувереност во владеењето со податоците“ како што тоа го правеше еден поранешен премиер, кој заради создавање на таква лажна перцепција со години одговара само на договорени прашања. И затоа нема хартии пред себе. Но, дури и во такви случаи се случува пад на концентрацијата, па во едно тв-интервју кажа три различни податоци за бројката на нововработени во државата. Така јавноста беше почестена со божем „сигурен говорник“, но во исто време и со куп сомнежи – која бројка е точна?

Да, Катица Јанева не е оратор. И не мора да биде. Ниту тоа се очекува од неа. Таа нема никакво искуство пред камери, бидејќи тие никогаш не биле дел од нејзината професионална средина. Но, едно е јасно. Таа не калкулира. Не глуми. Не се претставува поинаку и повеќе од она што е – специјален јавен обвинител. Нејзината „елоквентност“ не се цени во ничиј тв -дневник, туку во судница. Таму каде што се презентираат доказите, каде се образложува обвинението. Тоа е нејзиниот терен. Таа не е, ниту треба да биде тв – барбика или лото-девојка која ќе ги задоволи нашите стандарди за јавен настап. Не е ниту кандидат за оратор на годината, ниту посетувала школи за односи со јавност, ниту школи за млади лидери, ниту пак е приврзаник на „уличните школи“ за штанцање празни фрази и полна логореичност. Таа треба да ги задоволи очекувањата за владеење на правото и правдата, во однос на предметите за кои ова обвинителство е надлежно според законот.

Но, дека ваквите обвинувања не се „конзистентни“ ни во главната линија на нападот, сведочат и „рецензиите“ од провладините медиуми за првите јавни настапи на обвинителките Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи. Тие, пак, беа обвинувани дека немале хартии пред себе, дека очигледно вежбале пред огледало, дека презентацијата на предметите ја учеле на памет, дека се однесувале како филмски ѕвезди. Ајде да се договориме – важна е „хартијата“ или не е важна? Или нападот ќе се конструира и димензионира зависно од случајот и потребата?

Повеќе ТУКА

 

loading...

Слични содржини