Единаесетата македонска Влада ќе се избира утре

од Берта Китинска
372 прегледи

Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре, сабота 29 август, ја закажа 10-тата седница на која треба да биде избрана Владата на мандатарот Зоран Заев. Единаесетата македонска Влада треба да биде избрана најдоцна до недела на полноќ.

Џафери ја закажа седницата откако мандатарот Зоран Заев до Собранието во средата ја достави Програмата и предлог-составот на новата Влада.

Дел од приоритетите на новата Влада, како што соопшти мандатарот се, трансформација на економијата за забрзан раст и повисок стандард, вложување во јавното здравство, намалување на стапката на сиромаштијата под 16 проценти со посебен акцент на детската сиромаштија, воведување на комунална полиција под ингеренции на локалната власт која ќе има законски овластувања да обезбеди ред во општините и градот Скопје. Во предлог-програмата на новата Влада предвидено е и намалување на привилегиите на јавните функционери со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.

Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

Артан Груби од ДУИ ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. За министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.

Владината коалиција што ја сочинуваат СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.

 

Слични содржини