Една точка од договорот меѓу Белград и Приштина е ново јаболко на раздор меѓу САД и ЕУ

од Nikola Popovski
262 прегледи

Во рамките на договорот за нормализирање на економските односи меѓу Белград и Приштина, кој беше потпишан во Вашингтон, беше договорено Србија да ја премести амбасадата во Ерусалим. Токму оваа точка од договорот предизвика лавина реакции и стана ново јаболко на раздорот меѓу САД и ЕУ.

Според документот потпишан од српскиот претседател Александар Вучиќ, Србија ќе стане првата европска земја што отворила амбасада во Ерусалим. Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху и американскиот сенатор Тед Круз беа меѓу првите кои ја поздравија одлуката.

Од една страна, САД и Израел, од друга страна, ЕУ и Палестина

Нетанјаху му се заблагодари на Вучиќ за одлуката да го признае Ерусалим за главен град на Израел и да ја пренесе српската амбасада во тој град.

Тој додал дека продолжуваат напорите за убедување на другите европски земји да го сторат истото.

Израелскиот премиер исто така му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за придонесот во тоа достигнување.

Сенаторот Круз на Твитер напиша дека ја поздравува најавата за отворање на српската амбасада во Ерусалим.

„Овој чекор ги продлабочува врските и однапред се радувам на нови слични потези“, објавил тој.

Од друга страна, пристигнаа сосема различни пораки од Европската унија и Палестина.

Портпаролот на ЕУ, Питер Стано, изјавил дека за Брисел, прашањето за преместување на амбасадите во Ерусалим е билатерална најава на Србија кон Израел, потсетувајќи дека позицијата на ЕУ е позната и не е променета.

„Ниту една членка на ЕУ нема амбасада во Ерусалим, ниту претставништво на Унијата. Тоа е во согласност со резолуцијата 478 на Советот за безбедност на ООН“, објаснил Стано.

Тој потсетил и на заклучоците од Самитот на ЕУ од декември дека ставот на Брисел е јасен и дека Израел и Палестина мора да најдат решение за Ерусалим како главен град.

„Србија, која веќе преговара за пристапување во ЕУ, мора постепено да ја усогласува својата политика кон трети земји со одлуките на ЕУ. Сите дипломатски чекори што не се во согласност со тоа се причина за загриженост“, нагласил Стано.

Бурна реакција

Уште пожестока реакција пристигна од Палестина во форма на предупредување дека палестинските власти ќе ги прекинат дипломатските односи со која било земја што ќе ја премести амбасадата во Ерусалим.

Ова го објави на Твитер генералниот секретар на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Саеб Ерекат, кој бил главниот мировен преговарач со Израел.

„Апелираме до сите држави да го почитуваат меѓународното право, вклучително и Резолуциите 478 и 2334 на Советот за безбедност на ООН. Повредата на меѓународното право е знак на слабост, а не на сила“, напишал тој.

И покрај различните сигнали од државите, српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, изјави дека ќе испрати барање, Амбасадата на БиХ да биде преместена од Тел Авив во Ерусалим, бидејќи тоа е во интерес на САД.

Слични содржини