Маж вооружен со нож утрово нападнал шест лица на париската железничка станица „Гар ду Нор“, од кои едното е тешко повредено, соопшти портпаролот на полицијата.
Полицијата соопшти дека пукала во напаѓачот неколку пати и тој бил пренесен во болница со повреди опасни по живот, пренесува „Ројтерс“.
Засега не е познат неговиот мотив за нападот, додава полицијата
Според неименуван полициски извор, полицаецот кој пукал во напаѓачот не бил на должност, пренесува „Ројтерс“. Обвинителството во Париз соопшти дека покренало истрага.
Француската телевизија BFM претходно објави дека најмалку шест лица се повредени во нападот. „Гардијан“ јавува, повикувајќи се на неименуван полициски извор, дека полицијата го уапсила напаѓачот во станицата откако пукала и го ранила.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин на Твитер потврди дека „едно лице повреди неколку лица на железничката станица Гаре ду Нор во Париз“.
Тој додаде дека тоа лице било „неутрализирано“ од полициските сили. Францускиот железнички оператор SNCF објави на Твитер дека денеска полицијата отворила оган врз „опасно лице“ кое повредило патници на една од главните железнички станици во Париз, „Гар ду Нор“, и дека сообраќајот во областа е во застој, јавува Си-Ен-Ен.
Таа е една од најпрометните станици во Европа и главната врска помеѓу Париз и Лондон и Северна Европа. Полицијата ја обезбеди областа по нападот, кој се случи околу 6:45 часот по локално време.