Актуелно
Почетна / Македонија / Политика / Ефикасен парламент со стабилно мнозинство за предизвиците кои ни претстојат

Ефикасен парламент со стабилно мнозинство за предизвиците кои ни претстојат

На граѓаните на С. Македонија и е потребен ефикасен парламент, со стабилно мнозинство преку кое ќе биде јасно изразена волјата на граѓаните, со оглед на процесите што не очекуваат наредниот период.

На почетокот на есента се очекува да ги започнеме преговорите за полноправно членство во Европската унија, поради што од исклучително значење е процесите во Собранието да се одвиваат без непотребни блокади и опструкции.

Во основа голем дел од преговарачкиот процес значи усогласување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ. Оттука доколку во новиот пратенички состав има стабилно и јасно мнозинство, тој процес ќе биде поефикасен и ќе има можност да тече многу побрзо и поефикасно.

Претходниот парламентарен состав поради кревкото мнозинство изгуби драгоцено време, иако заврши многу важни прашања.

Од тие причини е многу важно граѓаните да излезат на изборите што ќе се одржат на 15 јули и јасно да ја изразат својата волја и да се определат за опцијата која мислат дека најдобро ќе ги застапува нивните интереси.

На тој начин новиот парламентарен состав ќе добие силен и јасен легитимитет кој ќе овозможи евроинтеграцискиот процес на земјата да се одвива според утврдената динамика.

С. Македонија од февруари функционираше без активно Собрание, поради што Владата, по прогласувањето на вонредната состојба, преку уредбите со законска сила ја презеде законодавната функција.

Но, во периодот што следува парламентот ќе има значајна улога и во процесот на справување со здравствената криза, но и со надминување на економските последици што таа ги предизвика.

Бидејќи, многу веројатно е нов бран на коронавирусот да има и во текот на есента, функционалноста и ефикасноста на Собранието и на новите пратеници ќе биде од големо значење.

Од нив не само што се очекува да ги потврдат неколкуте Одлуки за вонредни состојби, што претходно ги донесе претседателот Стево Пендаровски, туку тие сега ќе го имаат главниот збор и при евентуална потреба повторно да се прогласи вонредна состојба.

Новиот парламентарен состав ќе има важна улога и во процесот на справување со економските последици од здравствената криза, особено во делот на финансиската поддршка на стопанството и на граѓаните.

Се уште е неизвесно и дали во септември учениците ќе го продолжат својот образовен процес во училиштата или ќе се бараат начини наставата да продолжи по електронски пат. Иако, учениците училишната година ја завршија преку онлајн настава, тој начин на настава не е формално регулиран во нашиот образовен процес.

Затоа, не е исклучено и во овој дел да е потребна брза и ефикасна реакција на Министерството за образование и наука, но и на Собранието кое ќе треба законски да се дефинира процесот на настава по електронски пат.

Собранието покрај законодавната функција, има многу значајна улога во надзорот на работата на владата, како извршна власт.

Истовремено, преку Надзорните расправи има можност и да ја следи и контролира имплементацијата на законите, со што може да даде значаен придонес во зголемување на ефикасноста, но и во отстранување на одредени недоследности во работењето.

Реформите во безбедниот сектор, но и правилна и целосна имплементација на законските решенија се важни за државата и во однос на членството во НАТО, но и во однос на нашиот евроинтеграциски пат.

loading...