ЕК го објави Извештајот за Македонија: Да се усвојат уставните измени и да се интензивираат реформите

од Nikola Popovski
240 прегледи

С. Македонија мора да ја зајакне довербата во правосудниот систем, да го интензивира темпото на реформите поврзани со ЕУ, како и да ја исполни преземената обврска за комплетирање на уставните измени – ова се клучните делови од Предлог-извештајот за напредокот на земјава на патот кон ЕУ од „Пакетот за проширување“ на Европската комисија.

Покрај усвојувањето на уставните измени во Извештајот се нагласува потребата од „спроведување со добра волја“ на билатералните договори со соседните земји, односно на Договорот од Преспа и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Во делот на пристапниот процес на земјава се потсетува дека првата Меѓувладина конференција ЕУ-Северна Македонија, со што беше означен официјален старт на преговорите за членство, се одржа во јули 2022 година, а скрининг процесот по сите шест кластери заврши во декември 2023 година.

-С.Македонија треба да продолжи да го спроведува спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во кластерот за основи, особено судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Корупцијата треба да се решава несмалено, вклучително и преку солидно досие во истрагата, гонењето и конечното осудување на случаи на високо ниво, се вели во Предлог-извештајот.

Се додава и дека С.Македонија преставува добар пример за изградба на мултиетничко општество.

Во ланскиот извештај, ЕК нотираше нарушена работа на Собранието поради политичка поларизација, злоупотреба на „европското знаменце“ во носењето закони, неусвојување на уставните измени, отсуство на реформа во јавната администрација, страшна состојба во затворите, голем број напади, закани и застрашувачко однесување кон новинарите, никаков напредок во областа на судството и во областа на превенција и борба против корупцијата.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски рече дека очекува извештајот да биде сличен како и претходниот со одредени подобрувања во некои области.

-Од овој извештај од тоа што можам да го добијам како неофицијална информација, опфаќа период од 10 месеци од претходната влада и техничката влада, два месеци од оваа Влада и е нешто помал бидејќи е променет форматот за да биде прегледен за граѓаните и за јавноста. Очекувам да биде нешто слично како и минатиот извештај, можеби во некои области да има некакви подобрувања, кажа Мицкоски.

Еврокомисијата секоја година усвојува и презентира Пакет за проширување, кој опфаќа збир на документи што ја објаснуваат политика за проширувањето на ЕУ и прави преглед на случувањата во текот на изминатата година. Во Извештајот се анализира на напредокот постигнат од страна на земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ, предизвиците со кои тие се соочуваат и реформите што треба да ги спроведат. Во прилог на главниот документ, пакетот содржи и детални одвоени извештаи за напредокот во реформите во секоја земја кандидат и потенцијален кандидат, како и препораки и насоки за реформските приоритети.

Слични содржини