ЕК предлага да се замрзнат 7,5 милијарди евра наменети за Унгарија

од Vladimir Zorba

Унгарија тешко напредувала во владеењето на правото и Европската комисија препорачува земјите-членки на ЕУ да замрзнат 7,5 милијарди евра за таа земја, се вели во писмото што комесарот за буџет Јоханес Хан денеска го испрати до чешкото претседателство со Советот на ЕУ.

Писмото содржи ажурирана проценка на мерките што ги презема Унгарија со цел да добие пари од европскиот буџет, кој беше утврден за време на пандемијата COVID-19 како помош за закрепнување на економиите на земјите-членки.

Вкупната сума наменета за Унгарија од заедничката каса на ЕУ е 13,3 милијарди евра, а парите се блокирани поради загриженост за корупција и проблеми со независноста на судството.

Во писмото Хан на три страници ги објаснува причините што ја навеле Комисијата до такви заклучоци.

Имено, Комисијата ги разгледала сите информации што ги добила од унгарските власти до 19 ноември, но од нив не се гледа дека се донесени правни акти кои би овозможиле исполнување на условите на начин што целосно би ги имплементирале корективните мерки, кои Комисијата ги побара од Унгарија.

Дополнително, Хан пишува дека информациите и правните акти доставени на почетокот на декември од Будимпешта не носат ништо ново и во голема мера се слични на оние кои веќе и се достапни на Комисијата.

Воведени се само делумни измени во однос на претходно доставените верзии на документите што ги добила Комисијата, а тие документи само покажуваат дека „Унгарија презема позитивни чекори за подобрување на транспарентноста на јавната потрошувачка“, сепак, слабостите и ризиците сè уште се присутни, пишува Хан.

„Проблемите кои се идентификувани во Унгарија не се поврзани само со промените во законската рамка, туку и со конкретното спроведување на промените во практиката“, посочува Хан и вели дека за второто е потребна подолга временска рамка за конкретни резултати.

Конечната оценка на Комисијата е дека, без оглед на чекорите што ги презема Унгарија, севкупниот ризик за буџетот на Унијата останува непроменет, заклучи Хан, иако истакна дека „забележал досега напори на Унгарија да одговори на неколку мерки“.

Советот на ЕУ следната недела треба да одлучи дали ќе ги деблокира финансиите за Унгарија.

Слични содржини