Констатацијата на Народната банка според која во земјава се уште нема надолни прилагодувања кај цената на храната, се совпаѓа со проекциите на економистите. Откако стана јасно дека граѓаните не можат да очекуваат пад на цените, единствено останува надежта дека тие нема да растат од месец во месец.
Во оваа насока се и прогнозите на Загорка Блажевска- сопственик на Вита Нова и член на управниот одбор на Сојузот на Стопански комори .
„Не гледам брза стабилизација на цените во краток временски период. Ова не е само заради светските проблеми и војни, туку и заради домашните нетабилности. Ние тукушто завршивме со парламентарните и претседателски избори, па комплетната состојба и реорганизација во структурите и институциите заради овие наши домашни политики, дополнително ќе ја пролонгираат оваа нестабилност“, изјави за „Локално“, Блажевска.
Намалување на цените не очекува ниту професорот Марјан Петрески, кој сепак подеднакво го посочува и понатамошниот тренд на смирување на инфлацијата.
„Она што во моментов е побитно за динамиката на инфлацијата е месечната стапка, април во однос на март 2024, којашто изнесува 0,7%. Таа стапка укажува на понатамошно релативно смирување на инфлациските притисоци. Еден сегмент од неа секако се должи на ефектот од одмрзнувањето на цените на 28 февруари 2024, меѓутоа тој ефект е мал, односно далеку помал од она што се манифестираше како страв кај граѓаните“, вели Петрески.
За него останува очигледно дека сепак тој ефект го има, вклучително и преку најави од разни сегменти од пазарот дека поместувања кај цени на конкретни производи може да се случат, но како противтежа ја наведува актуелната ситуација во која глобалните цени на храната сега се значајно под нивото од март 2022, а кај некои сегменти од пазарите на храна дури и под нивото пред почетокот на кризата во Украина.
Според професорот Абдилменаф Беџети она што е најважно е дека не се очекува увозната инфлација да биде ветер во грб и дека сезонските осцилации може да бидаат од различни „сезонски“ причини.
„Во нашиот случај, посебно кај раноградинарските и прехрамбените производи, влијание имаше рамазанскиот месец и верските празници, Бајрам па и Велигден како и предизборниот период каде обично се троши повеќе од нормалните периоди. Растечката побарувачка влијае и на растот на цените, а последично на тоа и раст на потрошувачката кошница“, изјави за „Локално“, Беџети.
Според него, државата може краткорочно да влијае во одредени замрзнувања но дека тоа не е решение освен во системот на ,,верижните маржи, каде како што вели „ги наметнуваат големите добавувачи и откупувачи кои остваруваат големи профити видно и од минатата година“.
На потребата од реакција на државата во делот на балансирање на трендот на покачување на цените укажува и Блажевска, и тоа и на граѓаните и на бизнисот.
„Државата секако дека може, доколку сака, многу да влијае на намалување на цените, посебно во делот на субвенцинирање на производствата. Покрај тоа непходно е да се работи на создавање на државна агро- берза, која на земјоделецот и агро индустијата ќе им даде сигурност за откуп на произведените земјоделски култури, а на државата можност да не зависи од увоз на странски производи. Сметам дека како држава, имаме многу можности да произведуваме квалитетни земјоделски производи, наместо да ги увезуваме“, вели Блажевска.
Во иста насока е и нејзината констатација дека Македонија има многу необработена земјоделска површина што налага потреба од соодветна стратегија и правилна реогранизација на земјоделието. Како опции за подршка на стопанствениците предлага и поддршка од владата како и регулативни промени, повеќесекторска соработка но и повисок степен на образование и иновации.
Говорејќи за цените на храната, Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска Бежоска посочи и дека тие се речиси двојно повисоки од нивото на светските цени. Пред неколку дена стопанствениците предупредија дека лебот е единствениот продукт кој нема да поскапе во следниот период, односно дека овој тренд сепак ќе се однесува на сите останати производи.