Економската страна од војната во Украина: Кризата ги откри сите слабости на македонската економија

од Vladimir Zorba
323 прегледи

Една година по почетокот на војната во Украина, економистите и бизнисмените нотираат само минуси и дополнително влошување на состојбите.

Стравувајќи од последиците oд актуелната безизлезна состојба, познавачите на состојбите не се оптимисти дека условите во Европа, а со тоа и кај нас ќе почнат да се опоравуваат.

Владанка Трајкоска од Организацијата на работодавачи  потсетува дека домашната економија веќе  со месеци се соочува со инфлација, високо ниво на дефицит, задолженост и скапи енергенси.

Владанка Трајкоска

Владанка Трајкоска

„Со самиот почеток на војната сите ние „се закопавме во своите ровови“. Започнавме да се реорганизираме, да се снабдуваме со поголеми количини на репроматеријали не стравувајќи за цената (таа не ни беше важна), туку стравувајќи за недостатокот на материјали кој ќе се појави на пазарот. Стравувавме за енергенси, па се шпекулираше дека ќе има недостаток, дека цената ќе биде превисока. Најголем проблем за нашата економија беше зависноста од увозот на електрична енергија и репроматеријали од  која во изминатиов период не успеавме да се оттгрнеме “, вели за „Локално“, Трајкоска.

Ефектите од војната врз цената на дериватите според бизнисмените се најевидентни во делот на синџирот на снабдување. Големото поместување во транспортните и шпедитерските трошоци ги зголеми цените на сите производи со особен акцент на пазарното делување на извозните компании. Голем дел од компаниите преживеаа вели за „Локално“, Дурим Зекири од Стопанската комора на северозападна Македонија, но претрпеа огромни згуби.

Дурим Зекири

Дурим Зекири

„Оваа криза дополнително од таа на Ковид 19, ни ги откри сите слабости кои ги имаме како економија, иако бевме свесни за истите но, за жал никогаш немавме проактивен пристап кон истите. Единствената позитивна точка која може да се одвои од целата ситуација, е дека бизнис заедницата е многу издржлива во нашата земја, имајќи предвид дека кризата беше голема но,  од друга страна имавме слаба помош и слабата реализација на истата од страна на институциите. И покрај овие факти, поголемиот дел од нашите претпријатија ја преживејаа кризата, иако имаа многу претрпени загуби“, дециден е Зекири.

Според Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, кризата предизвика тектонски промени во економиите на речиси секоја земја, но тие промени не се исти за секого. Кризата во Македонија вели Јовановиќ за „Локално“, повеќе ги погоди сиромашните граѓани, а богатите продолжуваат да живеат комотно.

На макроекономски план, војната донесе инфлација, од 14% во 2022 година, и веројатно околу 10% во 2023. Донесе и забавување на економскиот раст, на околу 1-2%. Донесе и раст на каматите. Сите овие работи многу повеќе ги погаѓаат сиромашните отколку богатите. Минималните месечни трошоци за едно четиричлено семејство, според Сојузот на синдикати, во јануари оваа година изнесувале 51.000 денари. Лани ова време биле 36.000. Тоа е пораст од 15.000 за една година. А платите не се зголемени толку. Семејствата што немаат 51.000 денари месечно сега ќе гладуваат, а такви има многу во Македонија. Од друга страна, на богатите нема ништо да им фали. Можеби малку помалку ќе тргаат на страна, ама сепак ќе продолжат да си живеат комотно. вели Јовановиќ.

Бранимир Јовановиќ

Бранимир Јовановиќ

Економистите и бизнисмените се единствени во ставот дека војната во Украина ќе продолжи да и нанесува сериозни удари на македонската економија. Цените на производите според нив ќе продолжат да растат ,а  јазот помеѓу богатите и сиромашните ќе продолжи да се зголемува.

„Инфлацијата ќе продолжи да биде висока и оваа година, таа во јануари изнесува 17%, проценките на нашиот институт се дека за цела година ќе биде 10%. Цените ќе продолжат да растат, животот ќе станува сѐ поскап, илјадници луѓе ќе продолжат да тонат во сиромаштија,“ предупредува Јовановиќ.

Оттука, во ситуација кога Владата не успева да ја стави инфлацијата под контрола, останува како што вели на граѓаните сами да се изборат за повисоки примања.Од Комората на Северозападна Македонија алармираат дека дополнителен предизвик ќе биде и  недостигот на работна сила. 

„За жал, повиците на бизнис заедницата од пред неколку години, кога тие повикуваа на креирање на образовен систем кој ќе биде усогласен со потребите на пазарот на трудот, владата и институциите не ги послушаа, но исто така и сузбивање на нелојалната конкуренција за да се отвори пазарот и за новите претприемачи со цел да не се соочат со дополнителни проблеми при нивното воведување во пазарот“, потенцира Зекири.

Во ваква ситуација кога негативните последици не само што се таложат туку и растат, се погласни се дилемите за тоа што поинаку требаше да направи државата. Според Трајковска од Организацијата на работодавачи, неспорна е помошта која во изминатава година државата ја понудила на стопанството во делот на големиот број мерки но , како проблематично го посочува решението за неподавање рака кон големите компании.

„Има повеќе начини на кои Владата може да им помогне на компаниите: Олеснување на инвестициите во ОИЕ, директна поддршка на извозните компании, да се направи стратегија за поддршка на производствените компании и чинителите на економијата, фискална консолидација, применливост на законите и справување со сивата економија“.

Во меѓувреме, она што останува единствено извесно е фактот дека војната меѓу Украина и Русија ќе продолжи да генерира сериозни последици врз економиите на земјите од Европа  a на удар особено се и ќе бидат земјите од Западен Балкан.Македонија е секако дел од овој процес.

Слични содржини