Експерти: Делта-сојот не може да се избегне-вакцината нема да дозволи тешка болест и умирања

од Берта Китинска

„За да се прогласи крај на една пандемија, треба два циклуси од 14 денови, да нема дијагностицирани случаи и има некои предвидувања кога тоа би можело да се случи кај нас. Ако продолжат овие трендови тоа би требало да се случи некаде кон крајот на август или почетокот на септември“, наведе министерот за здравство Венко Филипче.

Вакцините против ковид-19 нема да дозволат тешки симптоми и умирања, заклучи проф. д-р Драган Даниловски кој е и раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика, беше дел од трибината заедно со министерот за здравство Венко Филипче, проф. д-р Александра Грозданова, национална коордонаторка за имунизација, и д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунибиологија.

Стручните лица истакнуваа дека придобивките од вакцинацијата се огромни, апелираа дека сите треба да се пријават преку сајтот vakcinacija.mk или преку матичните лекари, дека периодов се чувствува ефикасноста од имунизацијата, како и дека сите вакцини одобрени од Светската здравствена организација (СЗО) се безбедни и штитат од тежок тек на болеста.

Индискиот сој

Делта-сојот го има во повеќе од 90 земји и според епидемиологот, веројатно не може да се избегне.

Она што се знае за оваа варијанта на коронавирусот е дека е позаразна, но и оти за да се постигне колективен имунитет „благодарение“ на нејзините карактеристики сега е потребно да бидат вакцинирани поголем процент од граѓаните.

„Делта-варијантата е толку продорна, толку е заразна што е потребен праг на колективниот имунитет помеѓу 80-85 отсто за да може да се смета на многу мал ризик за епидемиско ширење. Добра вест во целата приказна е што и природниот имунитет од прележување и тој што се развива од вакцините, некој повеќе некој помалку, штити и од индискиот сој“, вели епидемиологот додавајќи дека е ирелевантно со која вакцина ќе се имунизираме.

Слични содржини