Експерти: Колкави се шансите да се заразите со корона на отворено?

од Nikola Popovski

Студиите на германски експерти потврдуваат дека ризикот од инфекција со корона на отворено е исклучително мала. Малите честички што лебдат во воздухот, аеросолите, се главниот виновник за пренесувањето на коронавирусот, но според наодите на научниците, тоа се случува претежно во затворен простор, додека на отворено речиси и да нема опасност од инфекција.

„Има проток на ветер, така што концентрацијата на аеросолот многу брзо се разредува“, изјавил за Дојче веле раководителот на Институтот за јавно здравје при Универзитетската клиника во Бон, Нико Мутерс. Слично вели и Александар Кекуле, вирусолог, но додава дека ова е точно ако држите растојание од најмалку метар и половина на отворено. „Ако не држите дистанца, туку се гледате во лице и зборувате гласно, пеете или викате, тогаш, наместо аеросоли, може да се заразите преку капки“, вели Кекуле.

Студиите потврдуваат дека ризикот од инфекција на отворено е исклучително мал. Една студија од Кина проучувала 7.324 случаи на инфекција и само во еден случај била на отворено. Кекуле вели дека истото важи и за мутациите на вирусот кои се нешто позаразни, но и „мутантите не летаат подалеку“.

На прашањето дали, на пример, на една ливада каде што живеат различни групи на луѓе, можно е ветерот да носи аеросоли од едната до другата, физичарот и истражувач на аеросоли, Герхард Шеух вели дека тоа е практично невозможно. Поради температурата на телото, се создава еден вид на воздушна струја која, како и кај каминот, оди нагоре, вели Шеух и објаснува дека температурата на човечкото тело од 36 до 37 степени е генерално повисока од надворешната, што доведува до подигнување на топлиот воздух, а со самото тоа и евентуалниот облак со аеросоли.

Експертите велат дека спортистите, на пример кога џогираат, треба да одржуваат растојание од метар и половина и дека ќе бидат безбедни, и покрај фактот што поради физичкиот товар тие дишат подлабоко и испуштаат повеќе честички во воздухот. Шеух вели дека не гледа проблем во тимските спортови, како што е фудбалот, но предупредува дека проблемот се појавува кога спортистите користат иста соблекувална или бања.

Ниту една студија сè уште не го поврзала пасивното пушење со зголемен ризик од инфекција со коронавирус, а Шеук тврди дека со пушењето не се ослободува повеќе вирус во околината, со што се согласува и Мутерс. Тие се согласуваат дека пушачите имаат малку поголем ризик од развој на потешка форма на болеста доколку се заразат, но по други не се поопасни.

Слични содржини