Големиот земјотрес од 1906 година го срамнил со земја цел Сан Франциско, а оној од 1989 година на градот му нанесол значителна штета. Идниот голем земјотрес би можел да биде уште полош, пишува “Forbes”.

Проектот “Scenario HayWired” на Американскиот геолошки институт симулира последици од земјотрес со јачина од 7 степени преку раседот Хејвард во Заливското подрачје на Сан Франциско. Резултатите од симулацијата се загрижувачки. Во земјотресот би можеле да настрадаат до 800 луѓе, а економската штета би изнесувала 100 милијарди американски долари.
Лифтовите се непозант проблем
“Многу веројатно е дека денешните жители на заливското подрачје ќе доживеат голем потрес”, изјавил Кит Портер, професор од Универзитетот во Колорадо и еден од истражувачите на проектот.
“Ова сценарио ги открива слабите точки во плановите за новите згради, постоечката водна инфраструктура и проблемите со пожарите по земјотресот и постарите лифтови”, додава тој.
Лифтовите се една од досега недоволно истражените слаби точки. Според Портер, по големиот потрес на подрачјето на северна Калифорнија, во лифтовите би се заглавиле околу 20.000 луѓе.
“Тоа е голем проблем бидејќи во деловите на заливското подрачје по земјотресот нема да има електрична енергија неколку дена. Замислите 20.000 луѓе кои со денови се заробени во метална кутија. Тоа е многу страшно”, вели Портер.
Треба да се размислува однапред
Според истражувањето, четвртина од зградите во Заливското подрачје по земјотресот ќе бидат опасни за луѓето. Ќе избијат 450 големи пожари и ќе дојде до оштетување и течење на 4.000 цевки само во општината Ист Беј.
Истражувачите исто така предупредуваат дека последниот голем земјотрес во Калифорнија се случил пред интернетската ера, во 1994 година, па се наметнува прашањето како пореметувањето на интернетските врски денес би влијаело на магнитудата на хаосот по катастрофата.
Голем број на научници предвидуваат дека Калифорнија следниот голем потрес треба да го очекува во наредните 30 години, но неговите последици со малку планирање може да се ублажат. Според Портер, зголемувањето на градежните трошоци за еден процент би ги направило зградите до 50 проценти посилни.
“Големите потреси се неизбежни во Калифорнија. Таквиот потрес ќе предизвика големи загуби, но некои од тие загуби може да се избегнат со планирање однапред”, заклучил Портер.