Експертски панел на СЗО за сите детали за вакцината на Оксфорд: АстраЗенека е за широка употреба

од Stefanija Kuzmanovska
424 прегледи

Придобивките од вакцината против ковид-19 на Оксфорд/АстраЗенека ги надминуваат сите ризици и вакцината треба да се препорача за употреба, вклучително и кај лица над 65 години, соопшти денеска панелот на Светската здравствена организација.

Во препораките за вакцината, панелот на Стратешката советодавна група на експерти за имунизација (Sage) наведе дека вакцината треба да се дава во две дози, на растојание од околу 8 до 12 недели помеѓу првата и втората доза.

Sage исто така истакна дека дури и во случаи кога е доведена во прашање нејзината ефикасност против јужноафриканската варијанта на коронавирусот, нема причина да не се препорачува нејзината употреба, објави „Ројтерс“.

Препораката на панелот на СЗО го отвори патот за забрзување на вакцинацијата во земјите во развој.

Панелот препорача употреба на вакцината кај возрасни лица постари од 18 години.

Тоа е втора вакцина одобрена од СЗО по вакцината на Фајзер и БиоНТек во декември.

Ова е добра вест за земјите во развој, од кои многумина чекаат да ги добијат своите први вакцини, во време кога богатите веќе вакцинираат милиони свои жители.

АстраЗенека вети значителни залихи на вакцини за механизмот КОВАКС, чија цел е рамномерно да се дистрибуираат вакцините низ целиот свет.

Овие вакцини е полесно да се достават од другите вакцини како онаа на Фајзер, кои треба да се чуваат на ултра студени температури, и чинат помалку.

Бидејќи мутираните видови на вирусот се шират низ целиот свет, постои зголемена загриженост дека тие ќе влијаат на ефективноста на вакцината.

Јужна Африка, каде што една од варијантите за прв пат беше идентификувана кон крајот на минатата година, рече дека ќе ја паузира имунизација со вакцината на АстраЗенека, откако тестирањето покажа дека има ограничено дејство против лесни инфекции.

Извршниот директор на АстраЗенека, Паскал Сорио, рече дека вакцината и понатаму би требало да продолжи да штити од сериозни болести, а официјалните лица на СЗО ги истакнаа придобивките од продолжување на употребата на вакцината дури и во областите погодени од нови варијанти на коронавирусот. Некои европски земји препорачуваат вакцината да не се дава на стари лица, повикувајќи се на недоволни податоци за време на студијата.

Слични содржини