Европскиот парламент изгласа резолуција со која бара меѓународна истрага за наводните нерегуларности за време на изборите одржани минатиот декември во Србија, како и суспендирање на европските фондови, доколку се докаже дека властите биле директно вмешани во измама на гласачите, пренесе РСЕ.
За резолуцијата на Европскиот парламент за ситуацијата во Србија по изборите гласаа 461 пратеник; против биле 53, а воздржани 43.
„Европскиот парламент повикува на независна истрага од страна на почитувани меѓународни правни експерти и институции за нерегуларности на парламентарните, покраинските и локалните избори, со посебен осврт на изборите за собранието на град Белград, бидејќи одредени обвинувања се прошируваат, вклучително и оние за организирана миграција на гласачите на локално ниво надвор од опсегот опфатен во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР (Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права)“, стои во изгласаната резолуција.