ЕП во резолуција го осуди анти-ЛГБТИК законот во Унгарија

од Vladimir Zorba

Европскиот парламент денес усвои резолуција со која најостро се осудува неодамна усвоениот унгарски закон за правата на децата, кој во ЕУ се толкува како дискриминаторски кон ЛГБТИК популацијата, но исто така и како кршење на демократијата и владеењето на правото.

Европскиот парламент го опишува спорниот унгарски закон како „јасно кршење на Повелбата на ЕУ за основните права, договори и законодавството за внатрешен пазар на ЕУ“.

Во резолуцијата се вели дека ова не е изолиран инцидент, туку „претставува уште еден намерен и однапред смислен акт на постепено укинување на основните права во Унгарија“.

„Овие кршења на човековите права се дел од пошироката политичка агенда за разбивање на демократијата и владеењето на правото, вклучително и слободата на медиумите, и треба да се гледа како на системско кршење на вредностите на ЕУ“, се вели во соопштението на ЕП.

Европратениците ја повикуваат Европската комисија да започне забрзана постапка за утврдување повреда на правата и да ги искористи сите алатки на Европскиот суд на правдата, како што се привремени мерки и казни за непочитување, доколку е потребно.

Тие исто така ги повикуваат земјите-членки да го упатат предметот до Европскиот суд на правдата доколку Комисијата не постапува и да покренат меѓудржавна апликација до Европскиот суд за човекови права.

Слични содржини