Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се залага за реформи во Советот за безбедност на Обединетите нации, осудувајќи го фактот дека Соединетите Американски Држави ставија вето на резолуцијата за прекин на огнот во Газа и покрај огромната поддршка за предлогот од други земји.
-Барањето на Советот за безбедност на Обединетите нации за прекин на огнот беше одбиено само со американското вето. Дали е тоа правда?- праша Ердоган на конференцијата за човекови права во Истанбул, додавајќи дека „треба да се реформира Советот за безбедност на ОН“.
На гласањето во Советот за безбедност, во петокот, САД ставија вето на резолуцијата за итен прекин на огнот во Газа, за која гласаа 13 членки на тоа тело на ОН, додека Велика Британија беше воздржана.
САД ја оценија резолуцијата како „неурамнотежена“ и „надвор од реалноста“.
Објаснувајќи ја причината зошто Вашингтон стави вето на резолуцијата, американскиот претставник рече дека процесот што води до усвојување на нацрт-резолуцијата бил избрзан, а соодветните консултации за време на истата изостанале, објави претходно Би-Би-Си.
При своето излагање тој истакна дека во резолуцијата не се ставени изразите што ги побараа САД, како што е осудата на нападот на Хамас на 7 октомври, поради што и Британија се воздржа.