Ердоган повеќе не е непобедлив – дали опаѓа неговата моќ: „Не се исклучуваат предвремени парламентарни избори, ќе следува жестока борба“

од Nikola Popovski

По локалните избори, Турција се разбуди со нов политички колаж. По две децении доминација на политичката сцена, владејачката партија на правдата и развојот на претседателот Ердоган, претрпе тежок пораз на изборите. Опозициската републиканска народна партија успеа да ја задржи контролата врз клучните градови, остварувајќи значителна придобивка и во други места. Со преброени над 90 насто од гласовите, актуелниот градоначалник Имамоглу води со огромна разлика во Истанбул, најголемиот економски центар во Турција. „Денес ја отворивте вратата за нова иднина. Отсега Турција ќе биде поинаква земја. Дадовте можност да го направите првиот чекор кон Турција каде што напредуваат демократијата, слободата, еднаквоста, рационалноста, науката, љубовта и солидарноста“, изјави Екрем Имамоглу, градоначалникот на Истанбул.

И Манус Јавас, градоначалникот на главниот град Анкара, ја задржа својата функција. На национално ниво опозицијата освои 37 насто од гласовите, наспроти 36-те проценти за владејачката партија, што означува најголема победа на опозицијата, откако Ердоган дојде на власт. Ердоган, кој во предизборието жестоко се бореше да ја преземе контролата врз урбаните области, не ја криеше разочараноста, но поразот го призна.

Кој ќе го контролира Истанбул, контролира и значаен дел од турската економија, вклучувајќи трговија, туризам и финансии. Партијата на Ердоган сè уште доминира во централна Турција и има поголем успех во областите уништени од земјотресот во февруари 2023 година. За време на предизборната кампања, лидерот на АКП истакна дека ова ќе му биде последна.

Како се толкува изборниот резултат? 

Дел од аналитичарите со кои поразговара „Локално“ оценуваат дека исходот од локалните избори во Турција има јасна порака кон Ердоган дека граѓаните се незадоволни од актуелните политики на власта. За само 10 месеци од председателските избори во 2023, власта изгуби околу 10 милиони гласови.

Самет Шабани

-Доколку продолжи предлабочувањето на постоечката општествена и економска криза во земјата, не би било изненадување ако Турција оди на предвремени избори за извршната власт во следните две години. Патем тоа му одговора и на Ердоган, којшто ќе направи се за да ја поправи загрозената фигура на моќ од страна на Имамоглу.
Имамоглу по втор пат го победи Ердоган. Ова е пораз на АКП, но повеќе лично на Ердоган бидејќи тој од позиција председател – по втор пат – се „симна во терен“ со митинг и кампања за локални избори во Истанбул и пак изгуби од градоначалникот во последните 5 години, којшто во овие избори дури доби повеќе гласови. Ова состојба убедливо го позиционира Имамоглу во „главна алтернатива“ на Ердоган во следните (редовни) претседателски избори, ако не и предвремени, вели Самет Шабани, аналитичар на турската политика на Балканот.

Според него, Ердоган порано има докажано дека може да ја врати силата на изборите за извршната власт.

-Очекувам дека во претстојните две години ќе направи се можно за подобрување, пред се на економски план. Во последните 10 години, Турција стана најбрз и најголем примател на мигранти во светот, за што во турското општество пак се појави значително незадоволство, што има последици на изборите за Ердоган. Затоа сметам дека тој ќе оди кон радикални промени во миграциските политики, оценува Шабани.

Од друга страна пак, опозициската Републиканска народна партија (СНР), додава тој, во пристојниот период може да се соочи со внатрепартиски предизвици околу лидерството, помеѓу актуелниот председател на партијата Озгур Озел, градоначалникот на Анкара, Мансур Јаваш кој што солидно победи во Анкара и Имамоглу кој што покажува дека има голем капацитет да мобилизира гласови од многу разно политички проминенции во земјата.

-Ваквото сценарио на внатрешна криза во СНР сигурно ќе биде во позла на Ердоган, тврди соговорникот.

Шабани истакнува дека во последните пет години , тамошната власт постојано вршела притисок кон градовите управувани од курдската партија ДЕМ, дури со судско разрешување на градоначалници избрани со волјата на курдското население и поставување на администравни градоначалници.

-Вчерашните резултати покажаа дека курдското население е отпорно кон ваквите репресивни политики на централната власт, заклучува аналитичарот.

Салих Мурат

За познатиот правник и турски интелектуалец, Салих Мурат истите турски гласачи упатија предупредувачка порака до власта со преиспитување на општинските избори одржани вчера, за дадените и необезбедени услуги во општините и за новите и старите кандидати за градоначалници. Сепак, тој верува дека локалните избори нема да влијаат на парламентарните избори.

-Турскиот народ многу добро ја знае и чита улогата и целта на двата избори. Националната и меѓународната позиција на турскиот народ е стабилна и со побрзо темпо под водство на Ердоган, Турција продолжува да прави големи развојни политики во економијата, војската, здравството, туризмот, земјоделството и други области на општествениот живот. Турскиот народ верува дека турската држава под водство на Ердоган и неговото влијание и улога ќе биде уште по развиена и влијателна во светот. Оние кои денеска ги освоија Истанбул и Анкара ги загубија парламентарните и претседателските избори заедно со Киличдароглу против Ердоган на претходните избори одржани пред 10 месеци. Турскиот народ никогаш не се откажа од Ердоган поради националните и меѓународните политики и верувам дека и во иднина никогаш нема да се откажат од него, вели Мурат во анализа за „Локално“.

Како и во Турција воопшто, така и во југоистокот на нивната земја изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера, додава соговорникот. Според него, и во претходните периоди на општинските избори победуваа постоечките партии и кандидати на локалното население.

-Општата политика на Турција нема да се промени со нивната победа. Со иста љубов и интерес турската држава пристапува кон регионот. Регионот го доживеа својот најголем развој и просперитет под владеењето на Ердоган. Во претходните периоди, доколку спроведуваа сепаратистички планови во општините, против нивни активност ја наоѓаа турската држава и нејзините сили. Народот гласаше за тие да бидат пионери на локалните служби давајќи им ги своите гласови и доверба. Доколку и во иднина ги надминат овластувањата на локалните администрации и ги користат нивните општински овластувања за други цели, повторно ќе се најдат на спротивната страна од турската држава, како во минатото. Јас сум на мислење дека турската држава никогаш како во минатото така и во иднина нема да дозволи активности или движење што би ги загрозило единството и интегритетот на нивната држава, заклучува Мурат.

И покрај поразот, Ердоган вели дека резултатот од локалните избори не е крај за неговата партија, туку пресвртница. Иако по земјотресот на југот на Турција во февруари минатата година, се шпекулираше дека поддршката за неговата партија може да опадне во погодените провинции, Ердоган сепак победи во некои општини во тој регион.

-Ќе се фокусираме на итните прашања на нашата земја, особено на закрепнувањето на подрачјата погодени од земјотресот и решавањето на нашите економски проблеми. До денес решително ја спроведувавме нашата среднорочна програма и 12. патоказ за нашата економија, рече Ердоган.

Н.П.

Слични содржини