Ердоган тврди: Турција произведе лек против коронавирус

од Aleksandar Petrovski
216 прегледи

На 1 јуни, Турција ја објави првата фаза на олеснување на рестриктивните мерки, со оглед дека земјата постигна напредок во борбата против пандемијата на коронавирусот, јавува турската радио телевизија.

Во Турција досега се потврдени 172.111 случаи на инфекција со коронавирус, додека бројот на закрепнати надмина 144.598. Досега, 4.728 лица починале од последиците од вирусот корона, покажуваат податоците на Министерството за здравство.

Ердоган најави дека како дел од олеснување на мерките, кината, театрите и трговските центри ќе бидат отворени од 1-ви јули низ целата земја. Тој додаде дека работното време на објектите, како што се ресторани и кафулиња, се продолжува од 22 на 24 часа.

Исто така, на граѓаните на возраст над 65 и повеќе години ќе им биде дозволено да излегуваат секој ден помеѓу 10 и 20 часот, а ограничувањето за движење за оние помлади од 18 години е целосно укинато, под услов тие да бидат придружени од нивните родители. Свадбените сали ќе започнат со работа на 15 јуни.

„Го произведовме лекот“

Ердоган изјави дека турските научници го произвеле лекот Фавипиравир, кој се користи за лекување на КОВИД-19.

Ердоган најави продолжување на олеснување на воведените ограничувања со цел да се спречи ширењето на вирусот корона, пренесува агенцијата Анадолија.

– Мораме да се навикнеме на фактот дека периодот што го нарекуваме „нова нормалност“ ќе трае малку подолго – рече Ердоган по седницата на владата.

„Поддршка на Владата на Либија“

Турскиот претседател, исто така, ја потврди поддршката на неговата земја за либиската влада во борбата против пучистите на генералот Калифа Хафтар и неговите нелигитимни сили.

Потомци на либискиот антиколонијален херој Омар Мухтар ги поразија „легионери“ испратени од целиот свет за да се обидат да ја окупираат земјата пред портите на Триполи, рече Ердоган, пренесува ТРТ.

– Ние ќе застанеме покрај нашите либиски браќа, а не заговорниците за пуч, а не империјалистите. Ние ќе продолжиме да ги фрустрираме и внатрешните и надворешните ентузијасти за пуч и љубителите на терористички организации – истакна Ердоган, осврнувајќи се на Хафтар и неговите приврзаници, додавајќи:

– Либија е сцена на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше убиен Моамер Гадафи.

Владата на националното единство на Либија, со седиште во Триполи, ужива поддршка од Обединетите нации и меѓународната заедница, додека Калифа Хафтар од Тобрук ги предводи нелигитимните сили. Либиската влада е основана во 2015 година врз основа на договор по иницијатива на Обединетите нации, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја како резултат на воената офанзива на силите на Хафтар.

Од април 2019 година, либиската влада беше под напад од нелегитимни сили на Хафтар, а во насилството загинаа повеќе од 1.000 луѓе.