Ердоган вети мирна транзиција доколку ги загуби изборите во недела

од Vladimir Zorba
202 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави во петокот вечерта дека ќе го прифати резултатот од изборите во недела и дека ќе се повлече доколку загуби, а се осврна на загриженоста дека можеби нема да ја напушти власта.

„Многу смешно прашање. Доаѓаме на власт преку демократски средства во Турција. Ако нашата нација одлучи поинаку, јас ќе го направам она што го бара демократијата, нема што друго да се прави“, изјави Ердоган доцна во петокот на телевизијата на прашањето дали ќе ја предаде власта, пренесе „Хина“.

Неговиот блок ќе почитува „секакви резултати што доаѓаат од гласачките кутии“, додаде Ердоган.

Ако опозицијата е загрижена за безбедноста на изборите, треба да ги надгледува сите избирачки места и да „обезбеди безбедност“ исто како што тоа го прават членовите на партијата на Ердоган, рече тој.

„Волјата на нацијата не смее да биде компромитирана“, додаде Ердоган.

Турскиот претседател рече и дека верува оти ќе биде реизбран за уште еден мандат и оти в недела ќе обезбеди парламентарно мнозинство.

По 20 години на чело на Турција, Ердоган се соочува со својот најтежок изборен тест поради негодувањето на јавноста поради економските тешкотии, неговото справување со последиците од масовните земјотреси во февруари и околу 3,5 милиони сириски бегалци.

Кандидатот на здружената опозиција Кемал Киличдароглу според анкетите е малку пред Ердоган.

Слични содржини