Есмеров: Османи мора да внимава да не ги навреди Македонците, а притоа да се отпочнат преговорите со ЕУ

од Берта Китинска
421 прегледи

Ништо се нема променето после француското вето, напротив, настапи бугарско вето, надополнето со незаинтересираноста на ЕУ и премолченото одобрување од страна на неколку земји членки. Проблемот е измислен и добро осмислен за да доведе до оддалечување на Македонија од евро-атланската перспектива и непоправлива штета на релација Софија-Скопје, вели во разговор за „Локално“, екс-амбасадор на Македонија во Унгарија, Игор Есмеров во врска со отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола викендов.

Според него заедничкото минато со нашиот источен сосед ќе остане опишано само во книгите, додека пак во реалноста ќе остане омразата и непријателството.

-Тоа што не успеа да го направи Белград за 70 години, ќе успее да го направи Софија за само 3 години. Мора да се има предвид дека симнување на ветото нема врска со исполнување на бугарските барања, бидејќи, според новата методологија доколку тие барања не се исполнат во текот на преговарачкиот процес, државата кандидат може да биде вратена назад во процесот. Според ова, симнувањето на ветото може да отвори простор на зголемена доверба, релативизурање на негативниот набој и постепено решавање на несогласувањата, но тоа не се прави. По однос на негативните реакции за здружението “Ванчо Михајлов” јас не гледам проблем, доколку некој се идентификува со Михајлов, тоа е негово право. Во некои европски држави дури има организирани ултра десни организации, со наци идеологија, кои легално функционираат. Па ние сме сведоци на воспевање на битката на Кајмакчалан во која за време на Првата светска војна загинале над 4.600 српски војници, па не видовме никакви протести. Можеби во иднина би имало некакви протести доколку, да претпоставиме дека група на граѓани би оформила здружение според ликот и делото на Светозар Вукманович Темпо, не знам, ќе видиме?, прашува Есмеров.

Поранешниот амбасадор смета дека ова ситуација не е ни еден чекор напред туку неколку чекор назад во добрососедските односи меѓу двете земји.

-За наша жал, а за нечија корист, додека Македонците и Бугарите копаат низ задничкото минато ќе останат без заедничка иднина и ќе биде сосема ирелевантно дали моите предци се декларирале како “бугари”, кога ниту јас, ниту некој друг тоа никако нема да може да им го објасни на моите деца и внуци, подвлекува Есмеров.

За тоа дали треба целосен пресврт во политиката кон Бугарија, како што вели поранешниот МНР Димитров, екс-амбасадор посочува дека поранешниот министер многу добро ја владее историјата и дека задачата на политичарот е да ги предиктира состојбите и да погледне неколку чекори напред, а доколку тоа не е можно, постојат и други професии.

-Лесно беше од опозиција да се критикува ВМРО за “застојот” во евро интеграциите. Сега, кој е виновен? Факт е дека овој проблем е искреиран по изборите во 2016та година и не само што не е исполнето ветувањето за почеток на преговори со ЕУ, туку на некој начин и државата е ставена во потчинета положба во преговорите со Бугарија, вели тој.

Есмеров за провокацијата која ја упати бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ , смета дека некој е многу упорен и многу настојчив ова прашање на оформување и постоење на нацијата да го префрли на непријателскиот колосек за постојано да има конфликт помеѓу двата исклучително блиски народи.

-Сите балкански нации се оформени под влијание и во интерес на некоја голема сила, па никој од тоа не гради стратешки позиции. Не е тајна Француското влијание во корист на Србија Германското во корист на Хрватска и Словенија, Советското во корист на Бугарија, но од тоа никој не први “драма”, појаснува тој.

Османи е добар министер за надворешни работи, смета поранешниот амбасадор додавајќи дека тој го прави максимално можното за приближување кон процесот, но мора да се има во предвид и маневарскиот простор кој го има, а кој не е баш голем.

-На него му е најтешко бидејќи мора да внимава во самиот процес да не ги навреди Македонците, а притоа да се отпочнат преговори. Јас не се согласувам со Трајанов и сметам дека не е чесно да се критикува Османи, а да не се понуди предлог, подвлекува тој.

Во врска со тоа дали води земјава, правилна политика кон Бугарија, Есмеров вели дека успехот е осуден на пропаст, кога за политички прашања одлучуваат историски комисии.

-Во тој контекст би требало да очекуваме српско-бугарска историска комисија за да се види дали населението во Западните покраини, Пирот, Босилеград, па се до Врање и Ниш во минатото се декларирале како бугари или како срби? Доколку Хрватите и Словенците во спорот за територијалните води во Пиранскиот залив вклучеа историска комисија, ова прашање нема да го решеа никогаш, “па дури ни тогаш”, особено ако се има во предвид дека во меѓународната политика ова прашање се третира како најтешката одстапка која една држава може да ја направи за сметка на друга, а тоа е откажување од територија. Концептот за решавање на политички прашања со помош на историски комисии не е софијска креација, тоа е дефинитивно длабоко источна креација, смета екс-амбасадор.

На прашањето во врска со изјавата на Јотова во која таа вели дека ниту некој барал, ниту некој може да бара да признае „некакво си малцинство“ во Бугарија, дури ни судот за човекови права во Стразбур, за тоа дали можеби ова треба да биде новата „македонска црвена линија“ во преговорите, Есмеров појаснува дека доколку ЕУ утврди дека се прекршуваат малцинските права ќе пресуди.

-Во право е Јотова. Нема потреба од признавање на малцинство, за тоа се грижат институциите и судовите при ЕУ. Доколку ЕУ утврди дека ги прекршувате малцинските права ќе пресуди, како што и впрочем до сега се случуваше повеќе пати. Тие луѓе живеат во Бугарија, отворено се декларираат според своето убедување исто како што во Македонија има лица кои се декларираат како бугари. Не гледам никаков проблем бугарите да влезат во уставот и сметам дека тоа би допринело кон нивното чувството на припадност, потенцира тој.

Б.М.

Слични содржини