Есмеров за зближувањето со администрацијата на Трамп: Со САД имаме потпишано договор, иако имав чувство дека сме некако подзаборавени од нашиот стратешки партнер

Во овие 35 години САД биле силен подржувач на Македонија, со таа разлика што Мицкоски дополнително ги зајакна нашите позиции во однос на новата администрација на Трамп, вели Есмеров за Локално во однос на „новото нормално“ на меѓународен план

од Nikola Popovski
162 прегледи

Поранешниот амбасадор во Унгарија и поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Есмеров смета дека нема нови ветришта од Македонија во однос на светската и надворешната политика, по доаѓање на Доналд Трамп на чело на американската администрација. Според него, нашите релации со САД одсекогаш биле приоритет за нашата надворешна политика, а сега имаме шанса за, како што вели, уште поголемо продлабочување на односите ако се има во предвид дека и во двете држави владите се предводени од конзервативни партиии.

-Не заборавајте дека со САД имаме потпишано договор за стратешко партнерство кој на специфичен начин ја обликува нашата соработка. Го поздравувам зближувањето на Мицкоски со новата администрација во САД, бидејќи тоа е она што во минатите осум години недостасуваше, бидејќи имав чувство дека сме некако подзаборавени од нашиот стратешки партнер, посочува Есмеров во разговор за „Локално“.

Запрашан каков став очекува од ЕУ по менувањето на правецот на македонските власти, најмногу околу негласањето „за“ за Резолуцијата на ЕУ и Украина во ОН, соговорникот истакнува дека не е менување на правец, туку почитување и надоградување на Договорот за стратешко партнерство со САД. Есмеров е дециден дека ЕУ веќе има завземено став по однос на пристапните преговори со Македонија и тој став постојано се повторува и е непроменет, а тоа е дека услов за почеток на преговорите е прифаќање и имшлементирање на францускиот предлог, кој вклучува измени во Уставот на државата.

Околу тезата дека сите политичари ќе се наредат кај Трамп пред нозе и дека ние како земја први го запоседнавме теренот во „новото нормално“, поранешниот амбасадор објаснува дека таква е реалноста и оттаму сведоци сме на неколку средби на највисоко ниво со низа европски претседатели и премиери, Макрон, Стармер, Калас, Зеленски кои не ги зазедоа првите редови, во обид подобро да ги позиционираат своите држави пред најавените промени во надворешната политика на САД.

-Вториот дел од прашањето не го разбирам баш најдобро, бидејќи за да ја „продаде“, треба да ја „поседува“, а тој е само неколку месеци претседател на САД. Ако алудирате на информациите од одредени кругови на новата администрација дека имало огромно и непримерно мешање на некои програми на УСАИД во опшествените процеси, политички реваншизам, фаворизирање на неолиберални опции, монтирање на судски процеси, лажни сведошења итн., па можеби од таму имате добиено впечаток дека некој ја поседува Македонија. Но за тоа ќе треба да се обратите до Стејт департментот, тие можеби имаат повеќе информации. Во овие 35 години САД биле силен подржувач на Македонија, со таа разлика што Мицкоски дополнително ги зајакна нашите позиции во однос на новата администрација на Трамп, оценува Есмеров.

Тој нагласува дека оваа политика е поради надградување на Договорот за стратешко партнерство и продлабочување на односите со САД, а ставот на ЕУ кон почнувањето на пристапните преговори е јасен и не е мотивиран од некаков „инат“.

Неодамна унгарскиот премиер Виктор Орбан ја соопшти утешната награда за Македонија до интеграцијата во ЕУ. Порача потесна да соработка во економијата, политиката, трговијата, културата, полициската соработка…. Исто така посака изградба на еден заеднички регион со Србија и Македонија. Според Есмеров, Унгарија може да биде одличен пример за тоа како една држава и покрај огромните проблеми со кои се соочуваше во времето на социјалистичката влада, почнувајќи од економски проблеми, огромното задолжување, политичката нестабилност, пад во социјалната сфера може со еден поинаков пристап да се извлече од бездната.

-Од доаѓањето на власт на Орбан, за само неколку години состојбата драматично се подобри во сите сфери на животот. Се зголеми стандардот на граѓаните, се подобрија здравствените и социјалните услуги, успешни судски реформи, намалување на надворешното задолжување итн. Резултатите се поздравени од огромното мнозинство Унгарци во 3 последователни изборни циклуси и тоа со дво третинска доверба за ФИДЕЗ и Орбан, Тоа никако не може да биде случајно, заклучува поранешниот амбасадор.

Пред неколку дена за новата политика и „новото нормално“ се огласи и екс-претседателот Стево Пендаровски. Порача дека Македонија како мала држава, не смее да истрчува и да затстанува рамо до рамо со Трамп, против ЕУ, имајќи предвид дека, како што вели, големите држави мерат и мудро вагаат каде и како ќе се позиционираат.

„Јас не велам дека ние не треба да се дружиме со Американците и да бараме нивна поддршка. Ние сме членка на НАТО, но сакаме да бидеме и членка на ЕУ. Првпат се случува двете глави, САД и ЕУ да бидат на различни страни и затоа ние како мала држава не смееме да бидеме за едниот против другиот. Големите ќе се договорат меѓу себе, а нас ќе ни замерат. Не смееме да бидеме коспонзор на резолуција на чија иста страна се Северна Кореја и Белорусија. Друго се пријателските односи. И Борис Трајковски беше пријател со Џорџ Буш, но во носењето одлуки на глобалната политичка сцена, тие пријателски односи немаат врска. Тоа што нашиве тврдат дека се пријатели со Ричард Гренел и тој ќе им го решел проблемот, тоа не оди така. Играат само интересите. Два примери – два човека – Александар Вучиќ и Еди Рама, имаат пријателски и семејни односи со Трамп и со членови на неговата администрација. Дали беа коспонзори на резолуцијата? Не, чекаат, не се истрчуваат и мудро вагаат“, кажа Пендаровски.

Од друга страна, екс-министерот и актуелен пратеник, Антонио Милошоски соопшти дека Македонија има многу добра позиција да ги задржи своите силни економски партнерски односи со Европската Унија, а истовремено да го продлабочува стратешкото партнерство со САД. На прашањето дали, сепак, коспонзорирањето на резолуцијата на САД за Украина и воздржаното гласање на резолуцијата поднесена од Европската Унија може да се смета за заземање страна, Милошоски вели дека во случајов земјава зазела страна и, според него, направила правилен избор поради самиот исход на резолуцијата. Исто така ја осуди изјавата на Пендаровски во која претседателот на САД, Доналд Трамп, го нарече „трансакционен претседател“. Вели дека таквата изјава на експретседателот е надвор од стратегиското сојузништво меѓу Македонија и САД и побара раководството на СДСМ да се огради од ставот на Пендаровски.

Н.П.

Слични содржини