„ЕУ да ги истражи изборните нерегуларности во Србија“: Повеќе од 20 европски политичари упатиле писмо до Фон дер Лејен

од Stefanija Kuzmanovska
242 прегледи

Повеќе од 20 високи европски политичари кои се занимаваат со надворешна политика ја повикаа претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лејен, да ги истражи наводите за нерегуларности на декемвриските избори во Србија, пишува „Политико“.

„Ја повикуваме ЕУ да спроведе независна истрага за сите пријавени изборни нерегуларности и наводи за измама“, се наведува во писмото упатено до претседателката на Европската комисија, како и до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и до претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Како што се наведува во текстот, „нелибералниот претседател на Србија“ прогласи победа на декемвриските избори, поради што десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Белград тврдејќи дека изборите се украдени.

24-те потписници на писмото, вклучително и Михаил Рот, претседател на Комитетот за надворешни работи на германскиот Бундестаг и неговиот француски колега Жан-Луј Бурлан, ја повикаа Европската унија независно да ги испита наводите за измама и да даде препораки за да се обезбеди слободни и фер избори во Србија.

Потписниците се главно претседателите на комисиите за надворешни работи во националните парламенти, вклучувајќи ги Франција, Италија, Данска и Луксембург – како и Украина, Молдавија, Велика Британија.

„Во зависност од исходот на истрагата“ велат дека треба да се бараат нови избори во Србија.

„Нашата заедничка цел е да ја видиме Србија како членка на ЕУ до крајот на оваа деценија“, додаваат тие.

Барањето доаѓа додека Урсула фон дер Лејен подготвува планови за ЕУ, со повеќе од 30 членки.

Блокот моментално има 27 членки, но во декември ЕУ ги започна пристапните преговори со Украина и Молдавија. Други земји, како Србија, Грузија и некои други земји од Западен Балкан, се во различни фази од пристапниот процес, заклучува „Политико“.

Слични содржини