ЕУ ги осуди „варварските“ руски ракетни напади, ја предупреди Белорусија

од Stefanija Kuzmanovska

Европската комисија во понеделникот ги осуди руските ракетни напади врз Киев и другите украински градови, нарекувајќи ги „варварски“ и ја предупреди Белорусија да не му помага на својот сојузник во убивањето цивили.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, изјави дека руските акции „немаат место во 21 век“, додавајќи дека на пат е воена поддршка за Украина од блокот, пренесува „Ројтерс“.

Русија ги нападна градовите ширум Украина во очигледни одмазднички напади откако претседателот Владимир Путин ја прогласи експлозијата на рускиот мост кон Крим за терористички напад.

– Станува збор за варварски и кукавички напади насочени кон невини цивили кои во утринскиот шпиц биле на пат кон работа и училиште – изјави на прес-конференцијата Петер Стано, портпарол на Европската комисија.

Тој ги опиша нападите како кршење на меѓународното хуманитарно право и рече дека руското политичко и воено раководство ќе одговара за овие и другите воени злосторства.

Комисијата ја повика Белорусија да се воздржи од какво било мешање во рускиот „брутален нелегитимен потфат“ што ги прекршува Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право.

Поточно, Стано веднаш му порача на Минск да престане да дозволува територијата на Белорусија да служи како лансирна рампа за неодамнешните ракетни и беспилотни напади врз украинските цивили.

– На сите понатамошни дејствија, особено директната интервенција на белоруската армија во оваа војна, против волјата на огромното мнозинство на белорускиот народ, ќе биде одговорено со нови и силни рестриктивни мерки – рече Стано.

Слични содржини