Портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо, денес изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп верува дека Европа ја водат слабаци, но дека милиони Европејци не се согласуваат со таа изјава и всушност се горди на своите лидери.
Доналд Трамп претходно денес за „Политико“ изјави дека Европа е „неуспешна“ група нации, предводена од „слаби“ луѓе.
„Многу сме задоволни и благодарни што имаме одлични лидери, почнувајќи од лидерката на овој Дом, претседателката на Европската комисија фон дер Лајен, на која сме навистина горди, која може да нè води во многу од предизвиците со кои се соочува светот“, изјави Пињо за „Политико“ со седиште во Брисел, коментирајќи ја изјавата на Трамп.
Пињо ги пофали „многу други лидери на чело на 27-те земји-членки кои се дел од овој европски проект“, за кои рече дека „ја водат ЕУ во сите предизвици со кои се соочува, од трговија до војна“ во нејзиното соседство.
„Затоа, дозволете ми да ја искористам оваа можност да го повторам она што го мислат многу милиони граѓани на ЕУ – ние сме горди на нашите лидери“, заклучи Пињо.
Во својата изјава, Трамп, исто така, оцени дека „Европа не знае што прави“ и дека тој мисли дека „европските политички лидери се слаби“, но дека „сакаат да бидат политички коректни“.
Американскиот претседател ги опиша градовите како Лондон и Париз како градови кои „пукаат“ под товарот на миграцијата од Блискиот Исток и Африка.
„Без промена во граничната политика, некои европски земји повеќе нема да бидат одржливи земји“, рече Трамп.