Европската комисија во понеделникот потврди дека Европската унија е подготвена да и воведе санкции на Србија за нападот на северот на Косово доколку земјите-членки на Унијата најдат доволно докази.
„Европската унија е подготвена да ги прооцени мерките поврзани со Србија доколку земјите-членки одлучат дека имаат доволно информации, доволно факти“, изјави портпаролот на ЕУ за надворешни работи Петер Стано.
Тој посочи дека ЕУ ќе дејствува кога земјите-членки ќе донесат одлука, бидејќи за рестриктивните мерки е потребно едногласност, пренесе „Ал Џезира Балканс“.
Стано рече дека ЕУ ги чека „конечните резултати од деталната истрага што ќе ги разјасни сите околности на терористичкиот напад“ и оти Унијата очекува „целосна и безусловна соработка од Србија“.
Стано неодамнешните откритија за „огромни залихи оружје на северот на Косово“ и зајакнувањето на армијата во Србија ги оцени како „многу загрижувачки развој на настаните“.
„Подготовките за нападот извршени во Србија“
Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља во неделата изјави дека целта на „терористичкиот напад на Србија“ во Бањска е анексија на северот на Косово.
Тој рече дека подготовките за нападот се направени во Србија и дека тоа се гледа од беспилотните летала запленети од групата.
Свечља рече дека сликите докажуваат дека оваа група во Србија се подготвува, тренира и изведува вежби кај Јагодина и во воената база на Копаоник.
Во напад на група Срби на 24 септември, предводена од потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, загина косовски полицаец, а потоа косовската полиција во „антитерористичка акција“ елиминира четворица напаѓачи и уапси шест други.
Останатите, како и Радоичиќ, побегнаа во Србија.