ЕУ потпиша трет договор со „Фајзер“ и „БајоНТек“ за купување 1,8 милијарди вакцини

од Vladimir Zorba

Европската комисија потпиша трет договор со фармацевтските компании „Фајзер“ и „БајоНТек“, со кој резервираше 1,8 милијарди дози вакцини во име на земјите-членки што треба да бидат доставени од крајот на оваа година до 2023 година.

Овој договор ќе овозможи купување на 900 милиони дози на постојни вакцини и вакцини прилагодени на варијанти на вируси, со можност за набавка на дополнителни 900 милиони дози.

„Потпишавме нов договор и тој сега е на сила, што е добра вест за европските граѓани кои се обидуваат да се заштитат долгорочно од вирусот и неговите варијанти. Загарантирано е производство и испорака до 1,8 милијарди дози до ЕУ. Потенцијалните договори со други производители ќе се засноваат на истиот модел, во корист на сите“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.

Договорот предвидува производство на вакцини во ЕУ и неговите клучни состојки мора да се набават во Унијата.

Комисијата наведува дека „добрата соработка со компаниите во рамките на постојните договори и механизми е гаранција за навремена испорака“.

Новиот договор ќе ги зајакне капацитетите на ЕУ за производство на вакцини, овозможувајќи да ги задоволи потребите на другите светски пазари.

„Треба да обезбедиме пристап до адаптирани вакцини кои ќе не заштитат од нови варијанти и ќе овозможиме дополнителни вакцинации за продолжување на имунитетот и заштита на помладата популација. Ние сме првенствено фокусирани на технологии кои се покажаа успешни, како што се mRna вакцините, но исто така сме отворени и за други можности“, рече комесарот за здравје и безбедност на храна, Стела Киријакидес.

Слични содржини