Македонската фудбалска репрезентација освои важна победа на гостински терен против Казахстан со минимални 1:0, во натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026. Единствениот гол го постигна Александар Трајковски во 33-та минута со впечатлив волеј удар, кој се покажа како пресуден за конечниот резултат.
Со оваа победа, Македонија го зазема првото место на табелата со осум бода по четири одиграни натпревари. Велс е втор со седум бодови од три меча, а вечерва гостува кај Белгија. Казахстан е на третото место со три бода, Белгија има еден бод од еден меч, додека Лихтенштајн е без бодови.
Македонските фудбалери добро го започнаа натпреварот и уште во првите 15 минути имаа неколку шанси за погодок, но голманот на Казахстан беше на висина на задачата. Домаќините доминираа по 16-та минута, но не успеаја да ја искористат ниту една од шансите, благодарение и на одличните интервенции на нашиот голман Столе Димитриевски. Клучниот момент стигна во 33-та минута кога Трајковски мајсторски ја затресе мрежата со волеј удар, што остана единствен гол на натпреварот.
Во второто полувреме Казахстан притискаше и имаше неколку опасни шутеви кон нашиот гол, меѓу кои и два што завршија на пречката. Македонија се бранеше цврсто и имаше свои шанси, но не успеаа да го зголеми водството. На крајот, Македонија успеа да го задржи водството и да освои три вредни бодови, што ја одржува надежта за пласман на Светското првенство кое следната година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.