Европски парламент: Навални е номиниран за наградата Сахаров

од Nikola Popovski

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални денеска беше номиниран за годишната награда на Европскиот парламент за достигнувања во областа на човековите права, именувана по советскиот дисидент Андреј Сахаров.

Навални, за кого на Западот тврдат дека бил отруен од нервен агенс во август 2020 година, издржува затворска казна од две и пол години во Русија за кршење на условната казна.

По апсењето во јануари, Европската унија воведе санкции против руските службеници, потсетува Ројтерс.

Москва негираше дека сторила нешто погрешно и ја обвини ЕУ за мешање во внатрешните работи на Русија.

„Важно е ние од Европскиот парламент да ја потврдиме нашата безрезервна поддршка за Навални и да нагласиме дека неговото здравје е одговорност на Владимир Путин“, рече холандскиот пратеник Петер ван Дален.

Наградата Сахаров, во вредност од 50.000 евра, го носи името на советскиот дисидент Андреј Сахаров и се доделува секоја година.

Победникот ќе биде објавен на 21 октомври, а доделувањето е во декември.

Поранешните победници се јужноафриканскиот претседател Нелсон Мандела, венецуелската опозиција и пакистанската активистка за образование Малала Јусафзаи.

Боливиската политичарка Жанин Анез, група познати жени од Авганистан и британската невладина организација за човекови права „Глобал витнес“ се номинирани за 2021 година.

Слични содржини