Холандија се повлече од мисијата за борба против трговијата со дрога во Карибите, предводени од Соединетите Американски Држави, првенствено поради воените напади врз бродови за кои се сомнева дека се користат за шверц на дрога, објави денес порталот Политико, повикувајќи се на изјавата на министерот за одбрана Рубен Брекелманс.
Брекелманс изјави во Аруба дека холандските сили ќе ги контролираат холандските територијални води во борбата против трговијата со дрога, но повеќе нема да учествуваат во американските операции, објави холандскиот весник Trouw.
Операцијата предводена од Американците, започната во септември, резултираше со убиство на повеќе од 100 луѓе во повеќе од 20 напади врз бродови за кои САД тврдеа дека превезуваат наркотици.
„Со години соработуваме со Американците во борбата против трговијата со дрога, но на поинаков начин. Кога гледаме дека се шверцува дрога, се обидуваме да ги уапсиме и гониме одговорните. Не ги таргетираме бродовите“, рече Брекелманс.
Порталот „Политико“ потсетува дека Холандија, која контролира шест острови во Карибите, тесно соработувала со САД и другите партнери во регионот во надзорот, пресретнувањето, апсењето и екстрадицијата на осомничени за трговија со дрога.
Она што се промени, додаде Брекелманс, е методот што го усвои администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
„Методот и операциите што ги спроведуваат САД сега се само нивни. Ние не учествуваме во тоа“, рече холандскиот министер за одбрана.