Европскиот парламент одлучи: Еден полнач за сите уреди

од Nikola Popovski

Одборот за заштита на потрошувачите на Европскиот парламент усвои директива со која се воведува единствен полнач за сите електронски уреди.

Директивата предвидува потрошувачите да не купуваат нов полнач или кабел за секој нов уред, туку да можат да користат еден USB-C полнач за сите мали и средни електронски уреди.

Тоа вклучува телефони, таблети, звучници, лаптопи, глувци, екрани, уреди за навигација, уреди за лична нега, дигитални камери, слушалки, рачни конзоли, електронски играчки и многу повеќе.

Директивата, меѓу другото, има за цел да го намали електронскиот отпад и да обезбеди одржливост на пазарот на Европската унија.

„Половина милијарда полначи за преносни уреди се испорачуваат во Европа секоја година, создавајќи од 11.000 до 13.000 тони е-отпад. Истиот полнач за сите уреди е подобро решение за секого. Тоа ќе и помогне на животната средина, ќе заштеди пари и ќе ги намали непотребните трошоци“, изјави Алекс Салиба, пратеник во Европскиот парламент.

Европратениците исто така бараат усогласување кога станува збор за безжичното полнење.

„Со зголемената употреба на безжичното полнење, пратениците на ЕУ бараат од Европската комисија да претстави стратегија до крајот на 2026 година за да ги направи сите безжични полначи компатибилни и да избегне нова фрагментација на пазарот“, се вели во соопштението на Европскиот парламент.

Нацрт-законот ќе биде усвоен во мај, а пратениците на ЕУ полека ќе започнат преговори со владите членки за конечната форма на законот.

Парламентот и Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите на ЕУ бараат заедничко решение за полначот во изминатата деценија. Предлог-законот беше поднесен на 23 септември 2021 година, додека советот донесе преговарачка позиција на 26 јануари.

Слични содржини